Audi ја претстави отворената Cabriolet верзија на новиот А5 – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Audi ја претстави отворената Cabriolet верзија на новиот А5

Со отворената изведба на A5, Audi ја комплетира гамата на модели базирана на втората генерација на популарниот модел.

По А5, но и пет-вратната изведба во форма на A5 Sportback, луѓето од Инголштад гордо ја претставија и отворената, кабриолет изведба на моделот. Платнениот кров на новиот A5 Cabriolet може да биде отворен за само 15 секунди, односно затворен за 18 секунди при брзини до 50 километри на час.

audi-a5-cabriolet-rear

Новиот модел е долг 4673 милиметри (подолг за 14 милиметри од претходникот) но има и зголемено меѓуоскино растојание и редизајнирани седишта, па тоа ветува повеќе простор на задната клупа. Дополнително е зголемен и багажниот простор за 60 литри, и сега на располагање стојат вкупно 380 литри простор во багажникот.

Сите технологии кои се нудат кај A5 и А5 Sportback се достапни и кај кабриолетот – тоа значи дека ќе може да се добие и 12.3-инчниот мултимедијален уред пред возачот, и многу други системи кои Audi ги нуди. Базиран на MLB Evo платформата, А5 Cabriolet може да се пофали со најцврста каросерија во класата, но истовремено и со тежината која е меѓу најниска во класата. А5 Cabriolet опремен со 2-литарскиот ТDI со 190 коњски сили и погон на предните тркала тежи само 1690 килограми.

audi-s5-a5-cabriolet-rear

Понудата на погонски единици ги вклучува сите мотори како и другите изведби на A5. Европските купувачи ќе добијат 2-литарски турбо-бензинец со 252 коњски сили, како и 2-литарски TDI со 190 коњски сили или пак 3-литарски TDI со 218 коњски сили. Врв на понудата ќе биде S5 Cabriolet кој нуди 355 коњски сили благодарение на 3-литарски TFSI V6 бензинец, а понатаму во понудата ќе бидат додадени и 2-литарски бензинец со 190 коњски сили, но и помоќна изведба на 3-литарскиот TDI кој ќе нуди 285 коњски сили. Според објавените податоци, новите мотори користат до 22% помалку гориво а испорачуваат до 17% повеќе моќност.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Audi A4 станува А5, претставен и нов S5

Во зависност од одбраниот мотор, купувачите ќе можат да одберат меѓу 6-степен мануелен, 7-степен S-Tronic автоматик со двојна спојка, или 8-брзински Tiptronic автоматик. Секако, ќе може да се добие со погон само на предните, или пак со Quattro погон на сите четири тркала.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.