full screen background image
Search

Изненадување од Peugeot – претставен новиот 5008!

Французите ни подготвија вистинско изненадување – и сосем неочекувано ни го претставија целосно новиот Peugeot 5008!

Исто како и новиот (и ултра-модерен) 3008, и новиот (и ултра-голем) 5008 e поставен на модуларната EMP2 платформа на PSA групацијата. Новиот 5008 го заменува старото повеќенаменско возило со нов, модерен SUV кој е поголем и поширок од својот претходник, и нуди можност за седум седишта.

Седиштата од вториот и третиот ред се модуларни – па можат да бидат поместени, наведнати и целосно извадени, а багажниот простор е одличен – со три реда седишта на располагање стојат 640 литри, односно дури 1060 литри со само два реда седишта.

peugeot-5008-side

Купувачите ќе можат да изберат меѓу неколку турбо-бензински и турбодизел мотори. Доколку сакате бензинец, ќе можете да изберете меѓу 1.2-литарски мотор со 130 коњски сили во комбинација со шест-степен мануелен или автоматски менувач, или 1.6-литарски со 165 коњски сили кој ќе се нуди исклучиво со автоматски менувач. Доколку сакате турбодизел (а повеќето од купувачите ќе ја изберат оваа опција) ќе можете да изберете меѓу 1.6-литарски мотор со 120 коњски сили, или пак поголем, 2-литарски турбодизел со 150 или 180 коњски сили.

peugeot-5008-siderear

Интересно, силата ќе се пренесува исклучиво кон предните тркала, но 5008 ќе се нуди со Advanced Grip Control систем кој ќе ви овозможи да изберете меѓу пет понудени режими на работа – Normal, Snow, Mud, Sand и ESP Off – за да можете полесно да се соочите со различни површини и терени. Секако, во понудата ќе се најде и цела лепеза на безбедносни системи – понудата започнува со Distance Alert системот кој го предупредува возачот кога ќе насети фронтален удар со возило или пешак, и го активира Automatic Emergency Braking системот. Тука е и системот за следење на сообраќајната лента кој може да ја корегира траекторијата на возилата, SmartBeam Assistance системот кој автоматски ги вклучува и исклучува долгите светла, системот за препознавање сообраќајни знаци и сугерирање на брзина, и уште многу, многу други системи.

Поврзано:   ВРЕМЕПЛОВ: Peugeot прославува 210 години исполнети со емоции, индивидуалност и иновации!

Целосно новиот 5008 ќе ја има својата официјална премиера кон крајот на овој месец во Париз, а продажбата ќе започне на пролет следната година.

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.