Знаменосецот на Genesis – големиот G90 – ветува модерни технологии, врвна безбедност и исклучителен луксуз – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Знаменосецот на Genesis – големиот G90 – ветува модерни технологии, врвна безбедност и исклучителен луксуз

Знаменосецот на луксузната дивизија на Hyundai наменет за американскиот пазар ќе се впушти во борба со локалните, но и европските конкуренти – а на своја страна има многу силни адути!

Луѓето од Genesis тврдат дека новиот знаменосец на брендот нуди „технологии од светска класа, највисоко ниво на рафинираност, комфор и динамични перформанси.“

Genesis G90 во Америка ќе се нуди со нов 3.3-литарски твин-турбо V6 кој испорачува 365 коњски сили при 6000 вртежи во минута и 510 Nm вртежен момент од 1300 до 4500 вртежи во минута, како и 5-литарски V8 кој испорачува 420 коњски сили и 520 Nm. Обата мотори се нудат во комбинација со 8-брзински автоматски менувач, а купувачите ќе можат да изберат меѓу погон на задните и H-Trac погон на сите четири тркала.

Дизајнот го одликуваат веќе препознатливите детали на Genesis, но сепак тука зборуваме за голем, луксузен седан, па и се очекува дизајнот да најде идеална рамнотежа меѓу модерните и малку поконзервативните вредности. Она што изненадува е и аеродинамичноста – според Genesis, големиот G90 е најаеродинамичен во класата, со коефициент на отпор од само 0.27 Cd.

Во ентериерот се користени најквалитетните материјали, а финалната обработка би требало да е меѓу најдобрите. Користени се вистинско дрво, квалитетна кожа а целиот ентериер нуди амбиентално осветлување. Меѓу технолошките детали, ги издвојуваме големиот мултимедијален уред со дисплеј кој има дијагонала од 12.3 инчи, како и Lexicon премиум аудио уредот.

Инженерите на Genesis посветиле стотици работни часови на идеално нагодување на шасијата со цел да се намали бучавоста во ентериерот и да се максимизира комфорот. Новиот G90 има специјална звучна изолација, а прозорците се ламинирани за да се намалат несаканите звуци кои се пренесуваат во кабината. Интересен новитет се и Helmholtz тркалата кои се специјално изработени да имаат комора наменета за апсорбирање на звукот.

Изгледа посветиле внимание на сè – останува само да почекаме Genesis да го понуди големиот G90 и на европскиот пазар.

Поврзано:   Hyundai го освежи Bayon за 2024 година

 

 

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.