full screen background image
Search

Aston Martin и Red Bull го претставија својот хипер-автомобил наречен AM-RB 001!

Британскиот Aston Martin и тркачката дивизија на Red Bull го претставија својот заеднички проект – хипер-автомобилот наречен AM-RB 001 кој треба да понуди исклучителен комфор на отворен пат, но и врескачки перформанси на тркачката патека!

Сега за сега не се објавени никакви технички детали, освен тоа дека AM-RB 001 е придвижуван од високо-вртежен V12 атмосферски бензинец кој е доволно моќен да му овозможи на автомобилот да има идеален однос на тежина и моќност – 1:1 – односно една коњска сила на еден килограм тежина.

Автомобилот е замислен и развиен да биде едноставен за користење (во рамките на очекуваното, нели) и на регуларни патишта, но истовремено да може да понуди исклучителни перформанси на тркачките патеки. Aston Martin и Red Bull планираат и верзија која ќе биде уште поекстремна, но наменета исклучиво за тркачките патеки.

am-rb-001-side

Задолжени за развивање на AM-RB 001 беа Adrian Newey – главниот за технички развој во Red Bull Racing, Marek Reichman од Aston Martin, задолжен за дизајн и David King, еден од челниците на Aston Martin. Нивата импресивна алијанса им овозможи да постигнат не само одлични перформанси, туку и досега невидени нивоа на потисок за цивилен автомобил.

AM-RB 001 е поставен врз екстремно-лесна платформа направена од карбон. Благодарение на исклучителното знаење на Adrian Newey, најголем дел од потисната сила (downforce) се добива низ панели поставени под автомобилот, а тоа му овозможило на Reichman да дизајнира автомобил кој истовремено изгледа како да не е од овој свет, но и гордо да ја носи значката на Aston Martin.

Поврзано:   Aston Martin се придружува и со Safety Car во Формула 1!

am-rb-001-rear

Понатаму, дело на Adrian Newey се и суспензијата и трансмисијата, а развиени се во Red Bull Advanced Technologies. Целта било автомобилот да може да издржи екстремни аеродинамични оптоварувања при високи брзини, но истовремено понуди лесно користење и задоволителен комфор. Во автомобилот може комфорно да се сместат возачот и совозачот – но нема информации околу багажниот простор. :D

До официјалното лансирање на автомобилот ќе продолжат да работат Q дивизијата на Aston Martin и Red Bull Advanced Technologies. Автомобилот ќе се произведува во погонот на Aston Martin во Gaydon. Планирани се меѓу 99 и 150 примероци, вклучувајќи ги сите прототипови и 25-те примероци наменети исклучиво за тркачките патеки. Цена? Хах…



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.