Brabus го претстави впечатливиот Mercedes-AMG G63 со 700 кс! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Brabus го претстави впечатливиот Mercedes-AMG G63 со 700 кс!

Познатиот Германски тјунер претстави нов пакет за дотерување и засилување на веќе монструозниот Mercedes-AMG G63.

На почетокот на минатата година, Mercedes-Benz претстави “Crazy Color” опција за G63 и G65 AMG, која опфаќа избор од пет светли и дречливи бои за каросеријата. Една од овие опции е Solar Beam жолтата боја која чини 15.348 евра и е одбрана на моделот на сликите.

Понудата на Brabus започнува со широк Widestar бодикит кој содржи вентилирачки поклопец на моторот, со карбонски централен дел и помасивен преден браник со поголеми отвори за воздух и дополнителен сет од LED дневни светла. Тука се и додатоци на крилата, кровен спојлер и затемнети предни светла, а моделот е поставен на 23-инчни ковани фелни обвиени во Yokohama пневматици. Ентериерот добива ознаки Brabus со осветлување на страничните прагови, црн кожен тапацир со контрастни жолти шевови, плафон од Алкантара и сет од спортски педали.

Нормално, штом се спомне името на Brabus, прво нешто што ни паѓа на памет е зголемената сила. Така е и во овој случај, каде 5.5-литарскиот V8 агрегат е засилен од 570 кс на 700 кс, додека вртежниот момент е пораснат од стандардните 760 Nm на 960 Nm. Дополнителната сила го намалува забрзувањето од 0-100 км/ч за половина секунда на 4.9 секунди, а максималната брзина е зголемена за 30 км/ч, на конечни 240 км/ч. Тоа и не е така малку за возило што тежи масивни 2,550 килограми.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.