Следниот Renault Megane RS ќе има 300 кс и погон на сите тркала? – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Следниот Renault Megane RS ќе има 300 кс и погон на сите тркала?

Најновиот извештај објавува дека најспортската RS изведба од актуелната генерација на Renault Megane ќе доаѓа со многу новитети за да му се спротивстави на Focus RS.

Најпрво, новиот Megane RS се очекува да биде единствено достапен со пет врати, за разлика од моменталниот модел кој доаѓа само во купе верзија. Renault веќе потврди дека ќе биде помоќен од сегашниот со 275 кс, а сега новиот извештај укажува дека ќе има над 300 кс за да може да се „дружи“ со Ford Focus RS.

Жешкиот компакт на синиот овал се префрли од преден на погон на сите тркала, а се чини дека Renault ќе го повтори истото. Засилениот 2.0-литарски турбо-бензинец се очекува да биде понуден со стандардна шест-степена мануелна трансмисија и опционална EDC трансмисија со двојна спојка за да го удоволи сечиј вкус. Тука би можело да се додаде и управувањето на задните тркала, кое ни е веќе познато од „GT“ изведбата.

Развојот на целосно новиот Megane RS започнал кога Renault го почнал развојот на стандардниот модел, што значи дека компанијата работи на автомобилот веќе неколку години. Иако во овој момент не е јасно кога тој ќе биде лансиран, но се очекува тоа да се случи во втората половина од 2017.

Сеуште е рано да се зборува за неговата цена, но извештајот споменува дека новиот модел ќе чини околу 30,000 фунти во Обединетото Кралство. Доколку тоа се покаже точно, тој ќе биде значително поскап од сегашниот модел кој во Британија започнува од 25,935 фунти.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.