full screen background image
Search

Запознајте ја Ateca – новиот SUV на Seat!

Шпанскиот бренд конечно ќе го добие долго-очекуваниот и најавуваниот SUV – еве ги сите податоци и првите фотографии за новата Ateca!

Ateca е мало место во Шпанија, но луѓето од Seat го одбраа токму ова име за најновиот член на своето семејство. По (малку несреќната и непопуларна) Altea FreeTrack, Seat конечно ќе го добие првиот вистински SUV во својата гама.

Новиот SUV верно ја следи тековната дизајнерска насока на брендот – ќе препознаете чисти и јасни линии, остри агли и авантгардни форми. На првите фотографии изгледа одлично – но ќе мораме да почекаме малку додека да го видиме и во живо.

Она што веќе со сигурност го знаеме е дека Ateca ќе биде поставена на истата MQB платформа како и Seat Leon (како и впрочем и новиот Volkswagen Tiguan). Во понудата ќе се најдат очекуваните бензински и турбодизел мотори, но Ateca најверојатно ќе биде првиот модел на Volkswagen групацијата кој ќе го добие новиот 1-литарски TSI со околу 110 коњски сили. Понатаму, во понудата ќе се најдат веќе добро-познатите 1.4-литарски TSI со 150 коњски сили, како и турбодизелите со зафатнина од 1.6 и 2-литри, и моќност од 110, односно 150 и 184 коњски сили. Купувачите ќе можат да одберат меѓу 6-степен мануелен или 6-степен DSG менувач со двојна спојка. Секако, ќе можат да одберат и меѓу погон само на предните, или на сите четири тркала кој ќе ја носи ознаката 4Drive.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.