ТЕСТ: Opel Corsa 1.4 90 Enjoy – Докажани квалитети! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Opel Corsa 1.4 90 Enjoy – Докажани квалитети!

Најновата генерација на Opel Corsa од неодамна им се нуди и на македонските купувачи, а ние имавме можност да поминеме неколку дена со еден црвен примерок, опремен со 1.4-литарски бензинец со 90 коњски сили!

Секој производител има неколку примарни модели – и Corsa е токму еден од тие модели за Opel. Corsa за прв пат се појави на пазарот во 1982-рата година и досега низ четири (пет, ако ја броиме и најновата) генерации се продадени неколку милиони примероци. Токму ова зборува за значајноста која Corsa ја носи со себе и вниманието кое Opel му го посветува токму на овој модел.

Сепак, новата Corsa и не е баш толку нова колку што мислиме. Под новата каросерија се крие основната шасија од минатиот модел, па димензиите на новиот автомобил се скоро непроменети во однос на стариот. Од друга страна, каросеријата е целосно нова и дизајнерите на Opel се горди на новиот изгледа на малата Corsa. Од предната страна, Corsa повеќе од очигледно влече инспирација од најмалиот член на фамилијата – популарниот Opel Adam – особено со ниско поставениот централен отвор за воздух и закосените предни светла.

opel-corsa-side

Страничниот профил е типичен за оваа класа на возила и нема некакви сензационални изненадувања, додека задниот дел наликува на поголемата сестра – Astra. Сликата за привлечниот дизајн ја комплетираат интересните алуминиумски фелни и многуте ситни детали кои го задржуваат вниманието. Нам попривлечна ни е изведбата со три врати, но сепак – барем во оваа Magma Red црвена боја – Corsa изгледа подмладено и освежено!

opel-corsa-rear,jpg

Сепак, ние би отишле скалило нагоре во опремата за да ги добиеме интересните хромирани детали на надворешноста кои визуелно прават прилично голема разлика. Кога ги има овие додатоци, Corsa изгледа многу подостоинствено и поскапо.

opel-corsa-interior1

Слична приказна продолжува и во ентериерот – луѓето од Opel со задоволство ќе ви истакнат дека е поработено на материјалите кои се користат во кокпитот на Corsa, и тоа веднаш се забележува. Нашиот тестен модел дојде со менувач и управувач оболожени со кожа, голем мултимедијален уред и уште многу други ситници кои ефективно ја оформуваат целината за ентериерот, а централната конзола е обложена со мека гумирана пластика.

opel-corsa-interior2

Лесно се наоѓа комфорна возачка позиција, седиштата се прилично удобни (но ќе забележиме дека им недостасува уште малку странична поддршка) и ергономијата е на високо ниво – контролите се јасни и лесни за користење а мултимедијалниот уред по малото навикнување станува лесен за манипулирање. Малку ни беа чудни контролите за отворите за вентилација, чиј страничен агол се одредува со тркалцата под самите отвори, наместо со рачките поставени на самите насочувачи како што е кај сите други возила.

Поврзано:  ТЕСТ: Opel Astra 1.2 Turbo 110 MT6 Edition - Кога основната верзија и не е толку основна.

opel-corsa-interior-cluster

Еден од деталите кој особено ни се допадна централниот панел со инструменти на кој одеднаш можат да се видат многу различни информации – многу попрактично отколку ротирање на информациите на неколку различни страници од менито.

opel-corsa-interior3

На задната клупа има место за двајца патници. По потреба би се сместиле и тројца, но бидејќи сепак се работи за мал градски автомобил – не би препорачале пренесување тројца патници на задната клупа на подолги релации. Доколку се сместат двајца, ќе имаат доволно простор како за колената, така и над главите. Corsa може да се пофали со еден од најголемите багажници во класата – нуди 285 литри багажен простор, а самиот багажник е со правилна форма и со релативно низок раб за полесно внесување и вадење на вашиот багаж. За жал, кога ќе ги спуштите задните седишта, иако добивате релативно голем капацитет од 1120 литри, нема да добиете целосно рамно дно на багажниот простор за полесно пренесување на големи предмети.

opel-corsa-exterior

Во град – онаму за каде е наменета – Corsa се снаоѓа одлично. Благодарение на големите стаклени површини прегледноста е одлична, па маневрирањето и паркирањето е лесно. Маневрирањето е дополнително олеснето благодарение на City режимот на серво-управувачот – кога ќе го вклучите, движењето на управувачот станува неверојатно лесно, па соодветно на тоа олеснето е и паркирањето низ тесните градски улички. 1.4-литарскиот бензинец не е најнов (Opel нуди одличен нов 3-цилиндерски турбо-бензинец во Corsa), но работи прилично рафинирано и мирно. Нуди 90 коњски сили на релативно високи 6000 вртежи во минута и 130 Nm вртежен момент на 4000 вртежи во минута. Преведено во перформанси тоа значи 100 километри на час за 13.2 секунди и максимална брзина од 175 километри на час. Дополнително, во град се забележуваат прилично долгите односи на брзините, па понекогаш навистина е потребно одење степен-два надолу за да може да се добие поенергично забрзување. Официјално, Opel декларира потрошувачка од 5.3 литри на 100 изминати километри во градски услови, а според борд компјутерот ние измеривме просечна потрошувачка од околу 7.5 литри низ град.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Новата Opel Frontera доаѓа со електричен и хибриден погон!

opel-corsa-side-top

Управувањето е директно и прецизно, но без скоро никакви повратни информации од подлогата. Суспензијата е мека и без негодување ги филтрира нерамнините од македонските патишта. Доколку претерате со побарувањата, она што ќе го добиете е подуправување, но за оние кои сакаат поспортски карактер од својата Corsa, тука е OPC варијантата со преку 200 коњски сили – она што ние го возевме сепак е нормална, цивилна верзија.

opel-corsa-exterior-side

Нашиот тестен модел дојде прилично богато опремен – вреди да ги споменеме мноштвото воздушни перничиња (перниче за возач, совозач, странични воздушни перничиња и кровни воздушни перничиња), електричен серво-управувач со City режим, управувач кој се подесува по длабочина и по висина, темпомат, борд компјутер, управувач и менувач обложени со кожа, електрика на предните прозорци, електрично нагодување на ретровизорите, загревање на ветробранското стакло, индикатор за притисок во гумите, централна брава со далечинско, алуминиумски фелни, LED дневни светла, како и одличниот IntelliLink мултимедијален уред со 7-инчен дисплеј, Bluetooth, USB и уште многу други ситници. Многу од оваа опрема е несекојдневна во оваа класа и ја поздравуваме одлуката на Opel да понуди ситници кои навистина прават разлика.

opel-corsa-euroncap

Секако, не е занемарена ниту безбедноста – тука се ABS, ESP, EBD и многуте други безбедносни системи, а веќе ги споменавме и воздушните перничиња. На EuroNCAP тестирањата Corsa освои четири од максималните пет ѕвездички.

opel-corsa-carclub-finale

Новата Corsa влече корени од минатата генерација, но тоа не мора да биде критика, ако земеме дека се работи за квалитетна и докажана механичка основа. Новиот дизајн и новиот и значително подобрен ентериер се силни адути со кои Corsa може да се гордее и да се обиде да привлече колку што е можно повеќе купувачи. Opel веќе се фали со добиените нарачки, а ние можеме сосем да разбереме зошто – новата, петта генерација на Corsa нуди решенија за сите проблеми кои минатата генерација ги имаше и нуди комплетен и докажан пакет кој на многумина ќе им одговара.

  • 1.4-литарски атмосферски бензинец
  • Моќност: 90 коњски сили / 6000 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 130 Nm / 4000 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 175 км/час
  • Забрзување 0-100: 13.2 секунди
  • Должина: 4021 mm
  • Ширина: 1746 mm (1944 mm со странични ретровизори)
  • Висина: 1481 mm
  • Тежина: 1113 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2510 mm
  • Багажен простор: 285 – 1120 литри
  • Потрошувачка: 7.5 литри на 100 километри (измерена, градска)
  • Цена на тестираниот модел: Opel Corsa 1.4 90 Enjoy – 13.473  Евра
    Забелешка: Моментална акциска цена на ваков автомобил е 12.489 евра
    Повеќе информации: Olympia Motors
Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Opel го откри грандиозниот нов Grandland!

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.