Мини-суперавтомобилот на Alfa Romeo пристигна во Скопје, а ние отидовме одблиску да ја запознаеме новата гордост на Италија!
Alfa Romeo е бренд кој секогаш ќе биде во срцата на вистинските љубители на автомобили, а кога Alfa Romeo ќе прикаже нешто несекојдневно и ново, тогаш сите ние будно следиме што се случува. Alfa Romeo 4C е новиот знаменосец на брендот, односно автомобилот кој на голема врата го најавува враќањето на Cuore Sportivo на глобалниот пазар – 4C се нуди и во Соединетите Американски Држави.
Колку за потсетување, Alfa Romeo 4C има централно поставен 1.75-литарски TBI турбо-бензинец кој кон задните тркала преку 6-степенски TCT менувач со двојна спојка испорачува 240 коњски сили. Бидејќи автомобилот тежи само околу 900 килограми, од перформансите застанува здивот – спринтот до 100 километри на час трае 4.5 секунди, а максималната брзина е 258 километри на час. Со активиран Race Mode, забрзувањето до 100 километри на час трае само 4.2 секунди!
Со оглед на реткоста на овој несекојдневен автомобил, како и неговата егзотична конструкција, навистина сме горди што еден примерок пристигна и во Македонија. Се надеваме дека редовно ќе го гледаме по нашите улици, и дека новиот сопственик навистина ќе ужива во него!