Иџе доминираше и во Италија, одржа лекција и на италијанската елита! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Иџе доминираше и во Италија, одржа лекција и на италијанската елита!

Македонската автомобилистичка гордост, Игор Стефановски Иџе продолжува со својата доминација на трките од Европското првенство на ридски патеки забележувајќи уште еден триумф во групата N!

Иџе и одржа лекција и на италијанската елита во својата група иако пред 10-тина дена самото учество на оваа трка беше под голем знак прашање. За Иџе и неговото Mitsubishi Lancer Evo IX, 53-то издание на трката Куп на Паолино Теодори беше пат во неизвесност поради дефектот на моторот на претходната трка во Полска и неможноста навреме да се среди автомобилот. Но, драматичната недела и жестоката трка со времето за да се подготви возилото резултираа со голем триумф на Иџе за уште еден доказ за неговата европска класа.

Трката во Италија мина во жесток дуел со најдобриот Италијанец во групата Н, Армин Хафнер со исто возило како и Стефановски. На саботните тренинзи Хафнер беше побрз од Стефановски кој сеуште ја учеше патеката, но беше јасно дека против себе ќе има голем мајстор на ридските свиоци. Клучната предност Стефановски ја направи на првото возење од неделната трка постигнувајќи време од 2:44.203 наспроти Хафнер кој беше за 0,7 секунди поспор. Во второто возење Италијанецот се реваншираше со извозени 2:44.192, но Стефановски со извозени 2:44.427 ја задржа минималната предност од првото возење и победи со 0,5 секунди подобро вкупно време од Хафнер. Третото место го освои Чехот Мартин Јерман кој севкупно заостана 7,5 секунди зад Стефановски во двете возења заедно.

idze-italija-2

„Морам да кажам дека ова ми е една од најмилите победи во кариерата. Ништо не се знаеше до последниот момент, ниту дали воопшто ќе учествуваме, ниту како ќе работи моторот, ниту како ќе функционира автомобилот. Сето тоа го средивме експресно и навистина ми е драго што победив за сите луѓе кои ни помогнаа. Дефинитивно добивме голема поддршка како во Македонија така и надвор за да ги надминеме проблемите со кои се соочивме изминативе три недели“ – изјави Иџе по победата.

„Трката беше вистинско лудило. Температурата беше многу висока и повторно имавме проблем со меката компонента на гуми, но поучен од грешките на трката во Чешка, успешно го контролирав возилото во вториот дел од патеката кога гумите попуштаа поради големата топлина. Возењето беше ризично, но не сакав залудно да пропадне целиот вложен труд за да го вратиме возилото во натпреварувачка форма“ – додаде Стефановски.

На трката во Италија настапија преку 150 натпреварувачи од кои 63 беа пријавени за Европскиот шампионат. Како и на претходните трки во оваа конкуренција, севкупен победник е незадржливиот Италијанец Симоне Фаџиоли со прототип Норма М20. Исто како Стефановски во категоријата 1 каде што се автомобилите, така и Фаџиоли е во убедливо водство во генералниот пласман во категоријата 2 каде што се болидите и прототиповите.

idze-italija-3

Иако беше пријавен, најголемиот конкурент на Стефановски во генералниот пласман, Јиржи Лос не настапи во Италија. Со тоа Стефановски уште повеќе ја зголеми бодовната предност. Сега нашиот ас има 143 бода, а на второто место се проби Чехот Јаромир Мали со 100 освоени бода, кој исто како Иџе во групата Н, е доминантен во групата А, но поради помал број на учесници во оваа група не го добива секогаш максималниот број бодови.

Следува тринеделна пауза во шампионатот пред следната трка која се вози во Словачка на на 20-ти Јули. Во продолжение ги пренесуваме севкупните резултати во генералниот пласман од досегашните трки.

rezultati

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.