По неодамнешниот фејслифт на Audi A7 и S7 Sportback, и најмоќната верзија на големото купе со 5 врати на Audi доби затегнување на брчките!
Визуелно нема да забележите некои големи промени – исто како и кај цивилните верзии на Audi A7. Сепак, ако погледнете одблиску ќе забележите малку изменета маска на ладилникот, а во понудата ќе се најдат и нови пакети за надворешноста – сега купувачите ќе можат да изберат и мат алуминиум, сјајна црна или карбон опција за дополнително персонализирање на нивниот RS7. Има и нови бои за надворешноста кои Audi ги нарекува Sepang Blue, Mythos Black, Floret Silver и Glacier White.
Најважниот новитет се Matrix LED предните светла кои веќе ги има во A8/S7, но и неодамна освежените A7/S7. Во внатрешноста малку се изменети инструментите со ситни измени на контролите, но генерално измените се незначителни.
За задвижување на големиот RS7 сè уште е задолжен истиот, голем, 4-литарски твин-турбо V8 бензинец кој доаѓа со систем за деактивација на цилиндри и нуди дури 560 коњски сили и 700 Nm вртежен момент. Овој мотор му овозможува на RS7 да забрза до 100 километри на час за само 3.9 секунди и да постигне максимална брзина од 305 километри на час. Моќта се пренесува кон сите четири тркала преку Quattro системот кој е неизбежен кај спортските модели на Audi. Според официјалните бројки, потрошувачката изнесува само 9.5 литри на 100 изминати километри – но да бидеме реални, тоа се бројки кои се достижни само во идеални, строго контролирани услови.
Продажбата се очекува да започне во третата четвртина на оваа година, а цената во Германија ќе започнува од 113.300 евра.