Премиера: Audi S1 – Големата мала тајна на Audi! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Премиера: Audi S1 – Големата мала тајна на Audi!

Audi утринава ги објави сите детали околу нивниот најмал спортист – новиот Audi S1, односно S1 Sporback!

„Големата тајна“ на Audi беше токму спортската верзија на најмалиот член на Германското семејство. Освен што нуди спортски перформанси и агресивен дизајн, S1 го покажува и фејслифтот на A1.

Но, тоа и не е толку важно имајќи го во предвид она што го нуди S1. Под поклопецот се крие четири-цилиндричниот турбо мотор со зафатнина од 2 литри кој испорачува 230 коњски сили и 370 Nm вртежен момент! Со оглед на големината и тежината на S1 ова делува навистина импресивно – забрзувањето до 100 километри на час трае 5.8 секунди (односно 5.9 секунди ако одберете Sportback) а максималната брзина е електронски ограничена на 250 километри на час.

Audi S1 Sportback

Но, тоа не е сè – 230-те коњски сили ќе бидат пренесени на сите четири тркала благодарение на quattro погонот и 6-степениот мануелен менувач. Предниот дел го одликуваат Xenon Plus светлата, а задниот дел е украсен со нови LED задни светлосни групи. Позади предните тркала се кријат 310-милиметарски дискови врз кои гордо стојат црвени шепи кои го носат S1 логото. За во внатрешноста, Audi одбра црни материјали со сиви детали, метални педали и спортски седишта.

Audi S1 Sportback

Цените во Германија ќе започнуваат од 29.950 евра за S1, односно 30.800 за S1 Sportback.



Во своите најлуди соништа Димитар вози Ford Fiesta ST, а во реалноста ја обожава својата "нормална" Fiesta. Среќен што е дел од CARclub.