По продолженото најавување и неколкуте протечени фотографии, Mercedes-Benz конечно ја претстави новата C-Class!
C-Class е особено значаен автомобил за Mercedes-Benz. Минатиот модел – лансиран во 2007 – е продаден во над 2.4 милиони примероци. Охрабрен од успехот на минатата C-Class, Mercedes-Benz ни нуди автомобил со помек и сензуален дизајн и многу технички иновации.
Новиот автомобил е подолг и поширок од оној кој го заменува, и очигледни се влијанијата од поголемите браќа во гамата – особено од знаменосецот S-Class. Новата C-Class како и секогаш ќе нуди многу нова технологија, меѓу кои ги издвојуваме LED светлата кои навистина изгледаат привлечно и уникатно. Секако, уште на почетокот е претставена и AMG Sport варијантата – и токму таа ја гледаме на овие фотографии. Меѓуоскиното растојание е зголемено за 80 милиметри и сега изнесува 2840 милиметри, додека автомобилот е долг 4686 милиметри (+95 милиметри) и широк 1810 милиметри (+40 милиметри), а багажникот ќе нуди 480 литри простор.
Местото каде е направен огромен чекор напред е ентериерот – досегашната C-Class имаше квалитетен, но помалку здодевен ентериер – и тоа е проправено во новата генерација. Ентериерот го следи трендот на минимализам и рафинираност, но веднаш се забележува вниманието кое е посветено на деталите. Купувачите ќе можат да изберат меѓу два централни дисплеи – еден со дијагонала од 7 инчи и поголем, со дијагонала од 8.4 инчи.
На почетокот ќе се нудат само три мотори, но понудата ќе биде проширена набргу по лансирањето. Сепак, при лансирањето купувачите ќе можат да изберат меѓу два бензински и еден дизел мотор. Бензинците ќе ги носат ознаките C180 и C200 и ќе нудат 156 односно 184 коњски сили, додека дизелот ќе ја носи ознаката C220 BlueTEC и ќе нуди 170 коњски сили. Бензинците ќе забрзуваат до 100 километри на час за 8.2 односно 7.5 секунди, а дизелот за 8.1 секунда. Дизелот ќе може да се пофали со потрошувачка од само 4 литри гориво на 100 изминати километри. Понатаму, понудата ќе биде проширена на пет бензински мотори со четири цилиндри и моќност од 156 до 238 коњски сили, но ќе биде додаден и 6-цилиндерски бензинец со моќност од 333 коњски сили. Планирана е и дизел-хибрид варијанта која ќе нуди 204+27 коњски сили.
Новата C-Class ќе може да се пофали и со уште еден новитет во оваа категорија – а тоа е опционалната воздушна суспензија. Тие што ќе ја одберат оваа суспензија ќе добијат и систем за одбирање на режим на работа и ќе можат да изберат меѓу Comfort, ECO, Sport и Sport+. Како и секогаш, ќе се нудат и многу безбедносни системи кои ќе ги заштитуваат возачот и патниците.
Ние се надеваме дека наскоро ќе ја видиме новата C-Class во Македонија. Во меѓувреме, уживајте во видеата и мега-галеријата!