ТЕСТ: Mitsubishi ASX 1.8 4WD DI-D Invite+ – Урбан воин со авантуристички дух! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Mitsubishi ASX 1.8 4WD DI-D Invite+ – Урбан воин со авантуристички дух!

Mitsubishi ASX веќе редовно го гледаме по нашите улици. Неодамна малиот компактен кросовер доби свое освежување и ние ја искористивме приликата повторно да ги потврдиме неговите квалитети!

На самиот почеток, набрзина да се навратиме на историјата на ASX. Компактниот кросовер ги влече своите корења од Concept-cX кој Mitsubishi го претстави сега веќе далечната 2007-ма година во Франкфурт. Иако серискиот модел не ги задржа сите интересни детали од овој концепт, сепак остана значително верен на оригиналот и успеа да го пренесе авантуристичкиот дух со кој концептот толку се гордееше.

ASX ја дели платформата со успешниот Lancer и кај него успешно е пренесена Jet Fighter дизајнерската стратегија која до неодамна ја следеа сите модели на Mitsubishi. Особено привлечно изгледа предниот дел со агресивните предни светлосни структури и големиот отвор за воздух. Гледано од страна, веќе карактерот станува покласичен и повеќе внимание е посветено на практичноста и пространоста. Компактниот дизајн убаво го заокружува задниот дел кој има слична агресивна поставеност како и предниот дел. Се на се, ASX изгледа компактно и агресивно, и оддава чувство на робустност и подготвеност да се справи со секакви предизвици.

mitsubishi-asx-rear-top-3

Внатрешноста е типична за Mitsubishi – материјалите се квалитетни и оддаваат чувство дека ќе преживеат нуклеарна катастрофа, но се малку конзервативни и едноставни. Секако, ќе се сложиме дека дизајнот е субјективна работа и дека за вкусовите може многу да се зборува, но би сакале малку повеќе карактер во ентериерот – едноставно, по агресивниот пристап на екстериерот, ентериерот не ги исполнува оние очекувања кои се наметнати, а би сакале и малку подобра звучна изолација. Од друга страна, ергономијата е на навистина високо ниво – сите контроли се онаму каде би требало да бидат и се лесни и јасни за користење. Седиштата се комфорни и нудат одлична поддршка и благодарение на нагодувањата, лесно се наоѓа комфорна возачка позиција. Кога на тоа ќе се додаде и одличната прегледност благодарение на големите стаклени површини, станува јасно дека ASX е автомобил кој е лесен за управување и возење, како во градските метежи, така и надвор од нив.

mitsubishi-asx-rear-top-interior

Во внатрешноста има доволно простор за четворица, а по потреба би можеле и петмина да патуваат. Со должина од 4,295 милиметри, ширина од 1770 милиметри, висина од 1615 милиметри и меѓуоскино растојание од 2525 милиметри, ова и не е толку мал автомобил. Одличната приказна за просторноста ја заокружува и багажниот простор од 442 литри, а особено нè импресионираа практичните прегради скриени под подот на багажниот простор каде би можеле да се стават малиот милион ситници кои сите ги носиме во автомобилот а притоа да не сметаат.

Да позборуваме малку и за 1.8-литарскиот DI-D дизел мотор со MIVEC технологија. Тоа е веќе познатата MIVEC (Mitsubishi Innovative Valve Timing Electronic Control) технологија која ја знаеме од бензинските агрегати на производителот и која за прв пат се понуди во дизелски мотор токму кај ASX. Благодарение на оваа технологија ASX може да се пофали со импресивна моќност и перформанси и истовремено со импресивно ниска потрошувачка. Моторот има специфичен звук и испорачува 150 коњски сили при 4000 вртежи, но и 300 Nm вртежен момент од 2000 до 3000 вртежи во минута. Преведено во перформанси во реалниот свет, тоа значи сто километри на час за 9.7 секунди, максимална брзина од 200 километри на час и просечна потрошувачка од 6.8 литри дизел на 100 изминати километри. Ние измеривме бројка навистина блиска до официјалната – само 7.4 литри на 100 изминати километри во градски услови!

mitsubishi-asx-front-trees

Но вистинскиот, авантуристички дух на ASX гордо излегува на виделина кога ќе ги напуштите градските улици и ќе го вперите ASX надвор од асфалтните патишта. Опремен со погон на сите четири тркала ASX функционира во три различни режими. Едниот режим е со погон исклучиво на предните тркала, вториот режим е со автоматско вклучување на погонот на сите четири тркала кога тоа е потрено, и последниот AWD режим е со блокада на диференцијалот и пренесување до 50% од силата кон задните тркала.

Кога решивме да му поставиме предизвици на ASX, бевме импресионирани од тоа колку лесно тој се справи со сите нерамнини на кои наидовме. Со вклучен режим за работа на сите четири тркала и внимателно, но храбро притискање на педалата за гас, ASX без никакви потешкотии ги совлада нерамнините и успоните – ова е навистина автомобил кој е за оние кои сакаат малку алтернативна забава во својот живот!

mitsubishi-asx-rear-rocks

По сето ова, дојдовме до заклучок дека ASX се снаоѓа исто добро на теренски услови, како и на асфалтираните патишта. За жал, малкумина од сопствениците некогаш навистина ќе ги дознаат можностите на ASX, но само да се знае дека тие се таму влева чувство на сигурност и подготвеност. Оние кои очекуваат спотрски повратни информации од воланот ќе останат разочарани, но мора да се има во предвид дека ова е компактен кросовер наменет да ги исполни побарувњата на едно семејство и истовремено да понуди можност за забава на терен.

mitsubishi-asx-details

Пред да го завршиме нашиот тест, мораме да ја споменеме и опременоста на нашиот тестен модел – која беше повеќе од задоволувачка. Одличниот клима уред како и целата азбука на електронски помагала сигурно ќе го олеснат возењето, а другите додатоци како централниот потпирач за рака со аудио влез, елетричните прозорци и ретровизори, светлата за магла, делливата задна клупа, задните сензори за паркирање, сензорите за дожд и светлина, управувачот и менувач обложени со кожа, темпоматот, Stop & Go системот, погонот на сите четири тркала и уште целата листа ситници се навистина добредојдени.

mitsubishi-asx-rear-top-2

Mitsubishi ASX можеби е модел кој веќе неколку години се продава на пазарот, но благодарение на неодамнешниот фејслифт тој сеуште изгледа свежо и модерно. Има некои ситни недостатоци, но ако се земат во предвид способноста за излегување на терен, економичниот и моќен дизел мотор со MIVEC технологија како и долгата листа на дополнителна опрема, нам ни останува само да го пофалиме ASX како одличен избор за оние кои покрај реалните потреби, имаат и малку авантуристички дух кој едвај чека да излезе на површината!

  • 1.8 литарски турбо-дизелски агрегат, 4 цилиндри
  • Моќност: 150 коњски сили / 4000 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 300 Nm / 2000 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 200 км/час
  • Забрзување 0-100: 9.7 секунди
  • Должина: 4295 mm
  • Ширина: 1770 mm
  • Висина: 1615 mm
  • Меѓуоскино растојание: 2670 mm
  • Багажен простор: 442 литри
  • Потрошувачка: 6.8 (официјална, градска), 7.4 (измерена, градска)
  • Цена на тестираниот модел: Mitsubishi ASX 4WD 1.8 DI-D Active+ – 23.980 Евра

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.