Новите Toyota Corolla и Lexus IS официјално претставени во Македонија! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Новите Toyota Corolla и Lexus IS официјално претставени во Македонија!

Денес пред Македонските автомобилски новинари беше претставена најновата генерација на Toyota Corolla, како и третата генерација на луксузниот Lexus IS.

Автомобилот кој во своето 47-годишно постоење е продаден во над 40 милиони примероци ја доби својата нова, 11-та генерација. Corolla е глобален бренд – возилото се произведува во 16 фабрики и се продава во над 150 земји во светот, а од неодамна новата генерација се нуди и во Македонија.

Во понудата се наоѓаат два бензински и еден дизелски мотор. Бензинците се веќе добро познати – 1.33 VVT-I со 99 коњски сили и 1.6 Valvematic со 132 коњски сили, а боите на дизелите ги брани познатиот и докажан 1.4 D-4D со зафатнина од 1.4 литри и 90 коњски сили. Бензинците трошат просечно 5.6 односно 6 литри на 100 изминати километри, а дизелот побарува само 4.1 литар гориво на 100 изминати километри.

Како што и очекувавме, ќе бидат понудени три нивоа на опрема, и тоа Terra, Luna и највисокото – Sol. Сепак, дури и основното ниво на опрема доаѓа со многу играчки и безбедносни системи, како и вкупно 9 воздушни перници. Меѓуоскиното растојание е зголемено за цели 10 сантиметри, што ветува зголемена просторност, комфор и стабилност.

Цените на Corolla започнуваат од 15.590 евра за основниот бензинец со Terra ниво на опрема. Дизелската Corolla започнува од 17.490 евра, но ни беше нагласено дека во моментов се нуди акциска цена која е за 1000 евра пониска за сите модели, па така основниот бензинец би можеле да го добиете за 14.590 евра!

Lexus IS е автомобил за кој веќе неколку пати пишувавме, и веќе знаеме дека се нудат две изведби – IS250 и хибридниот IS300h. Цените започнуваат од 39.500 евра за V6 моделот, односно 38.500 за хибридниот модел. Новиот IS нуди мноштво нова технологија, врвно-квалитетна изработка и материјали, како и премиум чувство кое без никакви резерви им парира на конкурентите.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.