Land Rover го освежи моделот Discovery – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Land Rover го освежи моделот Discovery

Land Rover го прикажа новиот обновен Discovery кој ќе биде јавно претставен на автомобилскиот саем во Франкфурт.

Разликите се дискретни и не се лесни за распознавање, но Land Rover ги редизајнирал предниот браник, решетката и предните светла кои сега се изработени со LED технологија. Додаден е и нов избор од алуминиумски фелни, додека ознаката Land Rover на поклопецот од моторот е заменета со ознака Discovery во стилот на моделите од Range Rover гамата.

Освежениот Land Rover Discovery ќе го погонува истиот 3.0-литарски V6 агрегат со 256 кс при 4,000 вртежи и 600 Nm вртежен момент при 2,000 вртежи во минута. Сепак, агрегатот е направен да биде попријателски настроен кон животната средина, така што емисијата на издувни гасови е намалена на 213 грама на километар, додека просечната потрошувачка на гориво е подобрена на 8 литри на 100 километри.

Погонската единица е усогласена со осум-степена автоматска ZF трансмисија и му овозможува на 2,570 килограми тешкиот теренец да забрза од 0-100 км/ч за 8.8 секунди пред да ја достигне максималната брзина од 180 км/ч.

Автомобилот е опремен со неколку нови системи за подобрување на безбедноста како приказ на мртва точка, предупредување за судир, детекција за сообраќај и камери за наназад, како и предупредување за возило што се приближува. Ќе биде понуден и Meridian Surround аудио систем со 17 звучници, со комбинирана максимална моќност од 825 вати.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.