full screen background image
Search

Renault 4 – Повеќе од 50 години стар, но во срцето засекогаш млад!

Дали сте знаеле дека Renault 4, или како што ние знаеме да го наречеме – Четворката – излезе во еден милион примероци по само четири години од почетокот на производството? И дали сте знаеле дека заради поставеноста на задните амортизери, меѓуоскиното растојание на десната страна е подолго отколку на левата?

Има навистина многу ситници кои го прават Renault 4 уникатен, а неговата историја која траше цели 31 година е полна со интересни приказни и детали. Во следниве неколку редови ќе се обидеме да ви објасниме зошто токму овој мал Французин во срцата на многумина има навистина посебно место.

renault4-1961

Renault 4 беше своевиден одговор на успешниот и популарен 2CV на Citroen. Благодарение на доброто проучување на предностите и недостатоците на конкурентот, Renault можеше да понуди поголемо возило. Renault 4 се појави скоро 13 години по лансирањето на 2CV – во Јули 1961 година – придвижуван од мотор со капацитет од денес минорни 747 кубни сантиметри! Визијата на Renault беше таа кола да биде соодветна за секого – за жени возачи, за фармери, да биде и градско возило, но и да одговара за возачи низ целиот свет.

Полека, но сигурно се зголеми и капацитетот на моторот – па тој порасна на цели 845 кубни сантиметри, а De Luxe и Super верзиите добија и повеќе опрема покрај поголемиот мотор, а потоа антиквитетниот 3-брзински менувач се замени со 4-брзински.

renault-4-house

Интересен податок е тоа дека Renault 4 се произведуваше во 15-тина земји, влучувајќи ја и Југославија – поточно во Ново Место – сегашна Словенија.  Додека се произведуваше во Колумбија, од 1970-та до 1992-та година, Renault 4 го доби прекарот Amigo Fiel, што всушност значи верен пријател. Во Италија Renault 4 се произведуваше во фабрика на Alfa Romeo, од 1962 до 1964, а малиот Французин се произведувал дури и во далечната Австралија!

Поврзано:   Утринска Гимнастика: Honda Civic Type R, Renault Megane RS и Hyundai i30 N на тробој!

Иако се произведуваше навистина долго време, димензиите и обликот на Renault 4 никогаш не се сменија и автомобилот секогаш имаше мотор со четири цилиндри и водено ладење. Моторите кои се вградуваа постепено растеа, од првичниот мотор со зафатнина од 645 кубни сантиметри, па до мотори од 1.1 и 1.3 литри! Ситни козметички зафати го одржуваа во младост, но никогаш не се појавија драстични промени, па линиите секогаш останаа уникатни и веднаш препознатливи.

renault_4_3

Низ годините се појавија и многу интересни верзии од малечкиот автомобил. Секако, мора да го спомнеме Plen-Air, кабриолетот кој е навистина редок и секогаш привлекува погледи, како и комби-верзијата која беше навистина успешно комерцијално возило. Секако, тука е и GTL верзијата, со 1.1 литарски мотор и дополнителната опрема – поголеми кочници и поголеми предни бришачи на ветробранското стакло!

renault-plein-air

Renault 4 Sinpar, со погон на сите четири тркала се натпреваруваше на легендарното Дакар рели во 1979-тата и 1980-тата година, и тоа со забележителен успех – заврши на петтото и третото место соодветно.  За да го прослави 50-тиот роденден и да се потсети на овие успеси, Renault 4 се појави и на годинешното Monte Carlo Рели, а рекордот за најбрзо Renault 4 го држи модифицираното возило на Колумбиецот Петер Голдринг – тој во своето R4 со мотор од 1.4 литри и 103 коњски сили постгина максимална брзина од 207 километри на час!

Не е толку лошо за автомобил стар повеќе од 50 години, нели?



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.