Audi ги претстави освежените А8 и S8 мега-седани! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Audi ги претстави освежените А8 и S8 мега-седани!

Audi A8 е модел кој е на пазарот од 2010, па Германскиот производител реши дека е вистински момент да го освежи својот Über-седан!

Како што и очекувавме, визуелните измени не се драстични, но сепак тука зборуваме за сегмент каде екстремни зафати не се ни дозволени. Но сепак, Audi носи мноштво новитети кај својот знаменосец.

Audi веќе подолго време ги најавуваше новите Matrix LED светла, кои сега се достапни како дополнителна опрема кај Audi A8. Технологијата нуди подобрено осветлување во сите ситуации. Ова е технологија која Audi се надева ќе стане подостапна и со време ќе се понуди и во пониските сегменти.

Во внатрешноста достапни се нови материјали и бои, а кај продолжената „L“ верзија се нудат и релакс-седишта со место за одморање нозе, но без разлика на одбраниот модел, можностите за опремување се скоро бесконечни. Секако, четири-зонскиот клима уред и вакумското затворање на вратите се достапни. Вентилираните предни седишта со вграден систем за масажа скоро и да не треба да ги спомнуваме.

Главните новитети се под поклопецот на моторот. Сите мотори се освежени и со зголемена моќност – 3.0-литарскиот бензински TFSI сега нуди 310 коњски сили – 20 повеќе од досега. Поголемиот, 4.0-литарски твин-турбо TFSI сега испорачува 435 коњски сили, односно 9 повеќе од досега. Како и бензинците, и дизелите се подобрени, па сега 3.0-литарскиот TDI сега испорачува 258 коњски сили (незначителни 4 коњски сили повеќе), но најголемиот дизел – 4.2 литарскиот TDI сега испорачува 385 коњски сили – 30 повеќе од досега – и импресивни 850 Nm вртежен момент, односно цели 50 Nm повеќе. Не дека 800 се малку, но повеќе е секогаш подобро.

Поврзано:   Златно Тркало 2024: Победници се Porsche Panamera, Audi Q8, Volkswagen ID.7, Opel Corsa и Mazda CX-60!

На врвот на бензинската понуда е W12 моделот со 6.3-литарски бензински мотор кој испорачува 500 коњски сили, како и спортскиот S8 кој користи турбо-полнет 4.0-литарски TFSI и испорачува 520 коњски сили. Во понуда е и A8 Hybrid кој користи 2-литарски TFSI мотор и хибриден систем за комбинирана моќност од 245 коњски сили и 480 Nm. Спортскиот S8 забрзува до 100 километри на час за 4.2 секунди – одлични резултати за толкав автомобил. Сите автомобили се нудат во комбинација со 8-степен Tiptronic менувач, а официјалната премиера ќе биде на саемот во Франкфурт, а цените во Германија ќе започнуваат од 74.500 евра.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.