Новата, караванска изведба на Honda Civic ќе ја заокружи гамата на автомобили кои го носат ова име, барем додека не добиеме Type-R верзија!
Очигледно е дека инженерите и дизајнерите на Honda сериозно си ја сфатиле работата, па новиот Civic Tourer може да се пофали со навистина многу простор – со исправени задни седишта нуди цели 624 литри зафатнина, а со спуштени дури 1668 литри – бројки кои се значителни поголеми од оние на конкуренцијата (605/1620 кај Volkswagen Golf VII Variant односно 587/1470 кај новиот Seat Leon ST).
Сепак, и покрај дарежливиот капацитет за пренесување товар, меѓуоскиното растојание не е променето и останува исто како кај хечбек изведбата. Просторот е добиен со продолжување на задниот дел на возилото, и тоа за цели 235 милиметри, а за полесно внесување на товарот работ на багажниот простор е понизок за 137 милиметри.
Уште еден новитет е новиот Adaptive Damper System (ADS) кој ќе управува со амортизерите за да може да понуди оптимална стабилност, комфор и управливост под различни услови на товар. На почеток ќе се нудат само два мотори – 1.8 литарскиот i-VTEC бензинец со 140 коњски сили и 1.6-литарскиот i-DTEC турбодизел со 120 коњски сили, продажбата ќе започне на почетокот на следната година.