full screen background image
Search

Formula 1 – ГН Монако: Mercedes конечно до победа!

Возачот на Mercedes, Нико Розберг успеа да ја искористи третата последователна пол-позиција и му ја донесе првата победа оваа сезона на својот тим.

Младиот Розберг беше неприкосновен низ улиците на Монте Карло и беше на првата позиција за време на целата трка. Тимот на Mercedes конечно успеа да ја искористи пол-позицијата и да стигне до победа, откако претходните три пати не им успеа. Улиците на Монте Карло во потполност одговараа на тимот на Mercedes, пред се поради малата потрошувачка на гумите и не можноста да се извршат претекнувања. Нико Розберг од самиот старт па се до крајот на трката не беше во ниту еден момент загрозен и успеа да стигне до својата втора победа во кариерата. Возачите на Red Bull, Себастијан Фетел и Марк Вебер стигнаа до 2-та, односно 3-та позиција. Тие успеаа да го поминат тимскиот колега на Розберг, Луис Хамилтон за време на првото менување на пневматиците.

Во Монако има уште еден редовен учесник без кој не може да се замисли самата трка. Безбедносното возило неколку пати ја предводеше трката поради неколкуте инциденти, а во еден момент трката беше целосно прекината поради сударот во заштитната ограда на Пастор Малдонадо по контактот со Макс Чилтон. Фелипе Маса имаше потполно исто излетување од патеката и удар во заштитната ограда како и на саботниот тренинг, а Роман Грожан не успевајќи навреме да закочи при излезот од тунелот, заврши во задниот дел од болидот на Даниел Рикиардо. За среќа, ниеден од учесниците во незгодите не беше повреден, единствено Фелипе Маса беше задржан во медицинскиот центар, но првичните информации велат дека не станува збор за посериозни повреди.

Поврзано:   Ф1 Монца: 1-2 победа за McLaren! Кој го очекуваше тоа?

Вистинско шоу на патеката приреди возачот на Mclaren, Серхио Перез кој очигледно сакаше да докаже нешто, притоа ставајќи ги во опасност останатите возачи. Тој на крајот не успеа да ја заврши трката поради контактот со Кими Раиконен по излезот од тунелот каде што претходно имаше навистина жестоки дуели со Фернандо Алонсо и својот тимски колега Џенсон Батон.

Главните конкуренти на Себастијан Фетел во борбата за титулата, Фернандо Алонсо од  Ferrari и Кими Раиконен од Lotus, не остварија пласман според своите очекувања, иако Кими Раиконен беше на 5-та позиција, но по дуелот со Серхио Перез на 6 круга пред крајот мораше да ги посети механичарите и да излезе како последен. Сепак  со одлично возење успеа да надокнади 6 позиции и да заврши како 10-ти. Од друга страна, Фернандо Алонсо профитирише од дуелот помеѓу Перез и Раиконен и трката ја заврши како седмо пласиран.

Одлична трка имаше и тимот на Force India откако нивните возачи Адријан Сутил и Пол ди Реста кои стартуваат од 8-та и 17-та позиција успеаа да ја завршат трката како 5-ти, односно 9-ти.

Иако не стигна до победа тимот на Red Bull, сепак највеќе профитираше од оваа трка и успеа да ја зголеми предноста во генералниот пласман и во конкуренција на возачи и во пласманот кај конструкторите. Следната трка се вози на патеката Жил Вилнев во Канада за 2 седмици.

Резултати од трката за ГН на Монако:

1. N.Rosberg		Mercedes
2. S.Vettel		RBR-Renault
3. M.Webber		RBR-Renault
4. L.Hamilton		Mercedes
5. A.Sutil		Force India-Mercedes
6. J.Button		McLaren-Mercedes
7. F.Alonso		Ferrari
8. J.Vergne		STR-Ferrari
9. P.Resta		Force India-Mercedes
10. K.Räikkönen		Lotus-Renault
11. N.Hulkenberg	Sauber-Ferrari
12. V.Bottas		Williams-Renault
13. E.Gutierrez		Sauber-Ferrari
14. M.Chilton		Marussia-Cosworth
15. G.Garde		Caterham-Renault
16. S.Perez		McLaren-Mercedes
Отк. R.Grosjean		Lotus-Renault
Отк. D.Ricciardo	STR-Ferrari
Отк. J.Bianchi		Marussia-Cosworth
Отк. P.Maldonado	Williams-Renault
Отк. F.Massa		Ferrari
Отк. C.Pic		Caterham-Renault

Генерален пласман – возачи:

Поврзано:   Ф1 Монца: 1-2 победа за McLaren! Кој го очекуваше тоа?

1. Sebastian Vettel – 107
2. Kimi Raikkonen – 86
3. Fernando Alonso – 78

Генерален пласман – конструктори:

1. RBR-Renault – 164
2. Ferrari – 123
3. Lotus-Renault – 112

Подготвил: Игор Андоноски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.