Formula 1 – ГН Шпанија: Победа за Фернандо Алонсо на домашен терен! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Formula 1 – ГН Шпанија: Победа за Фернандо Алонсо на домашен терен!

Возачот на Ferrari, Фернандо Алонсо, на големо задоволство на домашната публика, со одлично возење стигна до својата втора победа оваа сезона!

Шпанецот Фернандо Алонсо е победник на петтата трка оваа сезона, која што се возеше во Шпанија, на патеката во Барселона. Тој до својата втора победа оваа сезона стигна пред Кими Раиконен од Lotus и својот тимски колега од Ferrari, Фелипе Маса. Огромна причина за радост имаат во тимот на Ferrari, бидејки по долго време тие се враќаат на подиумот со двата болида, нешто што се навикнавме да го гледаме во минатото, но не беше случај во последните неколку години, пред се поради доминацијата на тимот на Red Bull.

Ferrari уште на стартот покажаа агресивност и желба за победа. Фернандо Алонсо по самиот старт го искористи лошиот излез од втората кривина на Луис Хамилтон кој што го забави и Кими Раиконен, и со одличен маневар успеа да ги претекне двајцата и да се најде зад Себастијан Фетел. Фелипе Маса кој поради казната од 3 места, стартуваше од 9-та позиција, со одличниот старт ги надомести тие 3 места и по само еден круг успеа да дојде до 6-та позиција.

Разочарувачка трка повторно имаше тимот на Mercedes. Иако, Нико Розберг и Луис Хамилтон стартуваа од првиот ред, тие трката ја завршија на 6-та, односно 12-та позиција, со што уште еднаш покажаа дека им недостасува добро темпо во трката. Розберг успеа да ја задржи челната позиција по стартот, па се до првото менување на пневматиците, кога беше претекнат од Фернандо Алонсо. Тоа можеби беше и клучниот момент на трката, бидејки од тогаш па се до крајот на трката, позицијата на Алонсо не беше загорзена во ниту еден момент.

Возачот на Lotus, Кими Раиконен, со одличното возење и менаџирање на пневматиците не дозволи 1-2 победа за Ferrari, а трката успеа да ја заврши со една посета на механиџарите помалку од конкурентите, но на крајот тоа не беше доволно за да ја загрози позцијата на Алонсо. Ова е трето последователно второ место за финецот оваа сезона, со што уште еднаш ја покажа својата константност во постигнување добри резултати.

Три-кратниот и актуелен светски шампион, Себастијан Фетел не успеа да држи чекор со водечката тројка и трката ја заврши на 4-та позиција, овозможувајки им на своите конкуренти, Алонсо и Раиконен да ја намалата бодовната разлика во генералниот пласман.

Во тимот на Mclaren иако се најавуваа сериозни позитивни промени, сепак ништо ново. Пласман на 8-та и 9-та позиција за Џенсон Батон и Серхио Перез и огромно разочарување за тимот, кој што почетокот на оваа сезона ќе гледа што побрзо да го заборави, бидејки во генералниот пласман се наоѓаат на 6-та позиција зад тимот на Force India, за кој мора да се признае дека има сериозен напредок, а тоа го покажуваат добрите резултати.

По денешната трка се доби една јасна слика околу тоа кои се главни конкуренти за титулата. Слабото темпо за време на трката на тимот на Mercedes го исфрли Луис Хамилтон од борбата, додека лошата сезона на тимот на Mclaren и неконсантноста на условно кажано, вторите возачи во водечките тимови, ги издвои Себастијан Фетел, Кими Раиконен и Фернандо Алонсо како главни кандидати за титулата.  Дежа ву од ланската сезона, но овој пат Алонсо и Раиконен, и нивните тимови, се далеку посилни и порешителни да го симнат Себастијан Фетел од тронот.

За две недели не очекува вистинска забава, гламур и престиж. Formula 1 караванот се сели на азурниот брег каде што низ улиците на Монте Карло ќе се вози 6-та трка од календарот.

Резултати од трката за ГН на Шпанија:

1. F.Alonso 		Ferrari 		 	
2. K.Räikkönen 		Lotus		 +9.3 secs 
3. F.Massa 		Ferrari 	 +26.0 secs 
4. S.Vettel 		RBR-Renault 	 +38.2 secs 	
5. M.Webber 		RBR-Renault 	 +47.9 secs 	
6. N.Rosberg		Mercedes 	 +68.0 secs 	
7. P.Resta 		Force India	 +68.9 secs 
8. J.Button		McLaren 	 +79.5 secs 	
9. S.Perez 		McLaren 	 +81.7 secs 	
10. D.Ricciardo 	STR-Ferrari 	 +1 Lap 	
11. E.Gutierrez 	Sauber-Ferrari 	 +1 Lap 	
12. L.Hamilton 		Mercedes 	 +1 Lap 	
13. A.Sutil 		Force India 	 +1 Lap 	
14. P.Maldonado 	Williams	 +1 Lap 	
15. N.Hulkenberg 	Sauber 		 +1 Lap 	
16. V.Bottas 		Williams	 +1 Lap 	
17. C.Pic 		Caterham 	 +1 Lap 	
18. J.Bianchi 		Marussia 	 +2 Laps 	
19. M.Chilton 		Marussia 	 +2 Laps 		
Отк.  J.Vergne 		STR-Ferrari 	
Отк. G.Garde 		Caterham 		
Отк. R.Grosjean 	Lotus

Генерален пласман – возачи:
1. Sebastian Vettel – 89
2. Kimi Raikkonen – 84
3. Fernando Alonso – 72

Генерален пласман – конструктори:
1. RBR-Renault – 131
2. Ferrari – 117
3. Lotus-Renault – 111

Подготвил: Игор Андоноски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.