Alfa Romeo во Женева ја претстави сериската верзија на спортската 4C – продажбата ќе започне со специјалната серија наречена Launch Edition и ќе чини 60.000 евра!
4C е навистина важен модел за Alfa Romeo. Со овој модел на голема врата го најавува своето враќање на северно-Американскиот пазар. Launch Edition ќе се произведе во 1000 парчиња, од кои 400 ќе останат во Европа, 500 ќе одат во Соединетите Американски Држави, а 100 се предвидени за „остатокот од светот“.
Благодарение на ниската тежина од само 895 килограми и одличниот 1.7-литарски турбо-бензински мотор кој испорачува 240 коњски сили и 350 Nm, Alfa Romeo 4C забрзува до 100 километри на час за 4.5 секунди а максималната брзина надминува 250 километри на час. Силата се пренесува на задната оска преку ТСТ автоматски менувач со двојна спојка и диференцијал со ограничено пролизгување.
Продажбата се очекува да започне наскоро и според најавите, цената би требало да биде 60.000 евра на „сите европски пазари“. Таа цена вклучува ДДВ, но не ги вклучува дополнителните локални даноци.