Peugeot 2008 – Новиот градски шмекер? – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Peugeot 2008 – Новиот градски шмекер?

Новите компактни кросовери се сè почесто на градските улици, а сега овој популарен сегмент добива уште едно ново лице – Peugeot 2008.

Ние веќе зборувавме за новиот кросовер на Peugeot, кога тој беше и официјално претставен. Сега имаме повеќе технички податоци и повеќе фотографии од новиот адут на Peugeot.

Конкуренцијата во овој сегмент е голема – покрај веќе добро познатиот Juke на Nissan кој подолго време одлично се држи во Европа, тука е и новиот адут на Opel, новата Mokka која агресивно го напаѓа врвот на овој сегмент.

За Peugeot да биде конкурентен и во овој сегмент, треба да понуди нешто поразлично за да ги привлече купувачите. Со таа цел, 2008 е првиот автомобил на Peugeot кој е дизајниран и развиен во Европа, Кина и Латинска Америка истовремено.

Со оглед на тоа што е базиран на 208 – автомобилот кој пријатно нè изненади, очекуваме дека и компактниот кросовер на Французите ќе го направи токму истото!

Со должина од само 4.16 метри, надворешните димензии укажуваат дека се работи за релативно мал кросовер кој одлично би се снашол низ градскиот метеж, иако тоа не му е првенствената намена.

Однадвор, 2008 изгледа како растегната верзија на 208, но тоа и не е толку лошо. Повисоката суспензија и заштитните пластики на предниот и задниот браник го дефинираат карактерот на 2008 како компактен кросовер.

Како и повеќето работи кои се позајмени од помалиот брат, 208, така и внатрешноста наликува на таа од малиот градски спартанец, но секако со неколку позатегнати линии.

Што се однесува до изборот на моторите, во 2008 ќе биде достапен и новиот 1.2 литарски бензинец на Peugeot во три верзии, со 82, 110 или 130 КС. Потоа, тука е и веќе добро познатиот 1.6 VTi мотор со 120 КС. Од дизел моторите тука е малиот 1.4 литарски мотор со 68 КС, како и поголемиот, 1.6 литарски мотор кој развива 92 или 115 КС.

Продажбата на Peugeot 2008 се очекува да започне ова лето, кога ќе ни биде позната и цената за компактниот кросовер.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Peugeot го претстави новиот 9X8 со кој ќе се натпреварува на Endurance трките!


Во своите најлуди соништа Димитар вози Ford Fiesta ST, а во реалноста ја обожава својата "нормална" Fiesta. Среќен што е дел од CARclub.