Секогаш се радуваме кога нов автомобил ќе ни дојде во рацете – а овој пат ја имавме шансата да се дружиме со најновиот член на фамилијата на Peugeot – градскиот 208!
Да бидеме искрени, Peugeot 206 беше своевидна револуција во класата. Модерниот дизајн ги привлече купувачите, спортските верзии ги привлекоа оние со такви афтинитети а шармот им стави насмевки на лицата на сите оние кои седнаа зад неговиот волан. Многумина сметаа дека покрај тоа што беше добар автомобил, 207 не беше достоен наследник на 206. Сега Peugeot со новиот 208 се обидува да не убеди дека повторно го нуди најшармантното возило во класата – и знаете што? Навистина го нудат!
Peugeot 208 изгледа младешки, со привлечни и чисти линии. Ситните детали кои се заприметуваат го истакнуваат чувството дека се работи за еден модерно дизајниран автомобил, кој покрај тоа што треба да понуди одличен комфор, пространост и практичност, треба да изнуди и емотивен одговор од тие кои го возат, но и од оние кои го гледаат по улиците.
Воочливи се дизајнерските детали кои потсетуваат на легендарниот 206, но сите тие се модерно интерпретирани, со свој индивидуален и уникатен идентитет. 208 истовремено потсетува на своите претходници, но и изгледа свежо и модерно – вистинско освежување во класата.
Моделот се нуди во изведба со три и пет врати, а ние ја имавме токму петвратната изведба за да се подружиме со неа. Во внатрешноста првото нешто кое се приметува е малиот управувач, кој совршено одговара во рацете, и лесно се наоѓа одлична возачка положба. Прегледноста е одлична благодарение на големите стаклени површини, а понудата на простор во внатрешноста е навистина импресивна. Во внатрешноста има многу светлина и атмосферата е едноставно пријатна и опуштена.
Пространоста продолжува и на задната клупа – дури и кога предните седишта се поставени значително наназад, на задната клупа има доволно место за колената на патниците. Практичноста ја комплетира и големиот багажен простор – 208 располага со вкупно 285 литри багажен простор, што е одлично за оваа класа.
Моделот кој го имавме на тестирање беше опремен со 1.4-литарски турбо-дизелски HDI агрегат со моќност од 68 коњски сили. Иако „на хартија“ оваа бројка не е голема, сепак моторот се покажа како одличен сопатник во компактното и лесно Peugeot 208. Перформансите се соодветни, но со оглед дека 208 е полесен помеѓу 136 и 173 килограми од својот предходник, во зависност од изборот помеѓу бензин и дизел мотор, стануваат уште поимпресивни.
208 опремен со најмалиот дизелски агрегат забрзува до 100 километри на час за 13.5 секунди а максималната брзина е сосема доволни 163 километри на час. Пет-степениот мануелен менувач е со добро проценети односи, а менувачот е лесен и прецизен за секојдневно користење во градскиот метеж, додека на отворен пат одлично помага темпоматот кој е дел од Active нивото на опрема.
Управувањето е директно и прецизно, но не и спортско – за тоа ќе ја причекаме најавената GTI верзија. Сепак, автомобилот е лесен за управување, а прегледноста, големите ретровизори и комфорот само ја надополнуваат сликата за еден мал, градски автомобил, кој е подготвен да ги шармира купувачите, но и нас, со своите позитивни атрибути. Меѓу нив, секако ќе ја вброиме и потрошувачката, која според нашите мерења изнесуваше околу 5.8 литри на 100 изминати километри, во градски услови, но и одличната безбедност која ја гарантираат шестте воздушни перници но и ESP во сите нивоа на опременост.
На крајот, ќе кажеме дека 208 ни приреди едно пријатно изненадување – навистина го има шармот на своите претходници, и навистина нуди едно одлично освежување во класата. Нам ни останува да се надеваме дека и во иднина ќе ја имаме можноста да се дружиме со овој одличен градски шармер!
- 1.4 литарски турбо-дизелски агрегат
- Моќност: 68 коњски сили / 4000 вртежи во минута
- Вртежен момент: 160 Nm / 1750 вртежи во минута
- Максимална брзина: 163 км/час
- Забрзување 0-100: 13.5 секунди
- Должина: 3962 mm
- Ширина: 1739 mm
- Висина: 1460 mm
- Меѓуоскино растојание: 2538 mm
- Багажен простор: 285 литри
- Потрошувачка: 4.4 (официјална), 5.6 (измерена)
- Цена на тестираниот модел: Peugeot 208 1.4 HDI Active – 14.290 Евра