Семејството Mini е проширено со првиот John Cooper Works спортски модел кој доаѓа со погон на сите тркала, тоа е спортската изведба на кросоверот Countryman.
Кросоверот долг 4,133 mm, широк 1,789 mm и висок 1,549 mm, е придвижуван од 1.6-литарски четири-цилиндарски турбополнет бензински агрегат, кој испорачува 215 кс и 280 Nm вртежен момент, односно 300 Nm со Overboost функцијата.
JCW Countryman се нуди со стандарден шест-степен рачен и за прв пат кај John Cooper Works модел, купувачите ќе можат да доплатат за шест-степен автоматски менувач.
Според Британскиот производител, набилданиот Countryman забрзува од нула до 100 км/ч за 7.0 секунди, достигнувајќи максимална брзина од 225 км/ч доколку е усогласен со мануелна трансмисија или пак 223 км/ч со автоматска.
Неговата просечна потрошувачка на гориво изнесува 7.2 литри на 100 километри со издувна емисија на CO2 од 167 грама на километар со мануелен и 8.0 литри/100 км со автоматски менувач.
John Cooper верзијата добива аеродинамичен боди кит, спортска суспензија, издувен систем, 18-инчни лесни алуминиумски тркала и DSC систем за стабилност. Покрај другите опции достапни се и ексклузивна контрастна црвена боја за кровот и надворешните ретровизори, како и 19-инчни лесни алуминиумски тркала.