Peugeot RCZ R Concept со 260 кс – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Peugeot RCZ R Concept со 260 кс

Peugeot реши да ја комплетира понудата на редизајнираниот RCZ со најсилна верзија со назнака R, која ќе располага со 260 кс.

Концептот RCZ R прикажува сериски модел, планиран да започне со продажба во крајот на следната година. Автомобилот ја добива најсилната верзија на 1.6-литарскиот турбо мотор, направен во соработка помеѓу Peugeot и BMW, кој испорачува 260 коњски сили, што го прави најмоќниот сериски модел во историјата на Peugeot.

И покрај тоа што има толкава сила, останува релативно еколошки, така што има емисија на CO2 издувни гасови од 155 грами на километар.

Силата ќе продолжи да се пренесува на подлогата преку предните тркала, но инженерите на Peugeot направиле измени во шасијата и додале торзионен диференцијал со ограничено пролизгување на предната оска, за да го подобрат управувањето во свиоците.

Прототипот е обоен во мат црна и бронзена боја како Peugeot-овиот хибриден концепт со високи перформанси, Onyx, и располага со проширена каросерија со набилдани предни и задни крила под кои се наоѓаат големи алуминиумски бандажи обвиени во пошироки гуми.

Повеќе детали за концептот и серискиот модел кој ќе произлезе од него очекуваме во Париз подоцна овој месец.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.