Oфицијално: 2013 Range Rover – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Oфицијално: 2013 Range Rover

Ви ја претставуваме најновата, четврта генерација на Британскиот Големец, новиот Range Rover, пред неговото дебитирање на Саемот во Париз.

Главната вест кај новиот Range Rover е дека тој е првиот ваков автомобил целосно направен од алуминиум, по што се издвојува од неговите конкуренти. Неговата каросерија е за 39% полесна од челичната на досегашниот модел! Овие мерки за намалување на тежината му помагаат на новиот Range Rover да „ослаби“ до импресивни 420 килограми во споредба со неговиот претходник.

Новата алуминиумска платформа носи значајни подобрувања во перформансите, управувањето, автономијата на возење и емисијата на издувни гасови, а на истата оваа платформа се очекува да биде поставена и следната генерација на Range Rover Sport.

Како што е традиција кај моделите на Land Rover, дизајнот на новиот Range Rover е конзервативен, односно е модерна еволуција од неговиот претходен модел со неколку дизајнерски елементи позајмени од помалиот Evoque. Сепак, тој е поелегантен, пософистициран, подолг и понизок од претходно.

Што се однесува до ентериерот, тој ќе нуди модерен дизајн во избор од повеќе бои и материјали, како дрво и алуминиум. Можат да се забележат голем мултимедијален екран на централната конзола и електронски дисплеј на инструмент таблата. Не смееме да ја изоставиме и информацијата дека поради зголемените димензии, местото за нозете во задниот дел е зголемено за значајни 118 mm.

Во новиот модел дебитира нова генерација на систем кој го препознава теренот и во зависност од него автоматски ги одбира најсоодветните прилагодувања на возилото. Покрај тоа, луксузниот кросовер добива и комплетно нова воздушна суспензија која нуди подобри возни својства.

Новиот Range Rover ќе се нуди со три различни агрегати. Дизелите се 3.0-литарски TDV6 и 4.4-литарски TDV8, а единствениот бензински избор е 5.0-литарски V8 мотор со компресор. Сите агрегати ќе бидат понудени со осум-степениот ZF автоматски менувач од Jaguar.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Land Rover Defender Octa има твин-турбо V8 со 635 коњски сили!

Купувачите ќе бидат понудени со стандардна задна клупа со три седишта како претходно, или со опцијата за двајца “Executive” која ја продолжува централната конзола низ задната кабина за врвен луксуз. И двата дела на традиционалната хоризонтално поделена задна врата се електронски асистирани.

Новиот Range Rover ќе може да се порача од септември, а на пазарот во Европа ќе пристигне во почетоткот на 2013. Повеќе детали за 2013 Range Rover вклучувајќи ги спецификации и цени очекуваме да бидат објавени во текот на светската премиера на Саемот во Париз.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.