Премиера: 2013 Aston Martin V12 Vantage Roadster – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Премиера: 2013 Aston Martin V12 Vantage Roadster

Aston Martin официјално го претстави новиот V12 Vantage Roadster, три години по претставувањето на V12 Vantage Coupe во 2009.

Под поклопецот се наоѓа 5.9-литарскиот V12 мотор кој испорачува 510 кс при 6,500 вртежи во минута и 570 Nm вртежен момент при 5,750 вртежи во минута. Агрегатот е усогласен со шест-степен мануелен менувач кој ја пренесува силата кон задните тркала. Ова му овозможува на моделот забрзување од 0-100 км/ч за 4.5 секунди пред да ја достигне максималната брзина од 305 км/ч.

Перформансите на моторот зависат од селектираниот режим на работа. Стандардниот Normal режим е за порелаксирано и потивко возење, додека режимот Sport му дава на роудстерот поостар одзив на гаста и побрутален звук од моторот.

Екстериерот на автомобилот е подновен со редизајниран поклопец на багажникот и понизок преден отвор за воздух, а исто така можат да се забележат и повеќе делови направени од јаглеродни влакна, како отворите за воздух на хаубата, предниот сплитер, задниот дифузер и лајсните над задните светла. Моделот вози на 19-инчни алуминиумски бандажи обвиени во Pirelli P Zero Corsa гуми.

Новиот V12 Vantage Roadster од сега е достапен за нарачка само на некои пазари во светот, а неговата цена во Велика Британија изнесува 150,000 фунти или 10 проценти повеќе од еквивалентниот купе модел.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.