Аudi реши да го прифати предизвикот на BMW да презентира спортски модели со дизел мотори и го претстави SQ5 TDI, кој е првиот S модел на овој Германски бренд со дизел мотор.
Овој нов спортски модел на неодамна освежениот Q5 носи 3.0-литарски V6 дизел со два турбополначи, кој призведува 308 КС и 650 Nm вртежен момент помеѓу 1,450 и 2,800 вртежи во минута. За трансмисијата е задолжен осум-степен секвенцијален менувач, а пак постојаниот погон на сите тркала го овозможува префрлувањето на силата врз подлогата.
Аudi тврди дека SQ5 TDI забрзува од место до 100 км/ч за 5.1 секунда и достигнува максимална брзина од 250 км/ч, додека забележува потрошувачка од 7.2 литри на 100 км. Подобрувањата на шасијата се содржат од надградено електро-механичко управување и спортска суспензија која го снижува автомобилот за 30 милиметри. Овој модел вози на 20-инчни алуминиумски бандажи опремени со спортски гуми со високи перформанси во профил 255/45.
За да се истакне од другите модели, Audi го опреми SQ5 TDI со нов стајлинг пакет кој вклучува платинум сива рамка на маската со алуминиумски решетки, кровен спојлер, ретровизори и изменети браници. Внатрешноста располага со спортски прилагодливи електрични седишта во бела Nappa кожа и алкантара, елементи од алуминиум, сива километража, нов поспортски волан и рачка на менувачот.
Новиот SQ5 TDI ќе се појави во Европските претставнишва на Audi во првата четвртина од 2013 со почетна цена од 58,500 евра.