Porsche привршува со развојот и тестирањето на новиот, целосно-електричен 718 Boxster!
Од Porsche гордо кажуваат дека новиот 718 Boxster е нивниот прв целосно-електричен спортски автомобил со две седишта.
Звучи неверојатно, но тимот задолжен за тестирање на новиот електричен 718 Boxster поминал повеќе од 4 милиони километри во различни прототипови, а автомобилот бил тестиран во навистина екстремни услови.
Од екстремно ниски температури во Шведска, каде температурите паднале и до -30, па сè до „Долината на Смртта“ во Америка каде температурата достигнала и 51 степен според Целзиус. Од Лос Анџелес, преку Лас Вегас до Шангај. Тестните прототипови поминале низ повеќе од 20 земји, каде биле тестирани сите карактерни особини на новиот Boxster – дури и различните стандарди за полнење.
Но што всушност значи „електричен Boxster“? Од Porsche кажуваат дека еден од врвните приоритет било токму зачувувањето на ДНК-та на претходниците. Во Porsche превод, тоа значи E-Core архитектура со батерија поставена веднаш зад задните седишта – онаму каде досега беше монтиран моторот со внатрешно согорување. Оваа архитектура е специјално направена за 718 Boxster и овозможува ниско седење и тежина концентрирана кон средината на возилото – нешто што е пресудно за спортски автомобил. Всушност, 40% од тежината е на предната оска, 60% на задната.
Дополнително, многу од компонентите на шасијата се базирани на оние од 911. На пример, управувањето е базирано на 911 Carrera GTS, а управувањето со задната оска е достапно во 718 Boxster за првпат. Димензиите на комбинациите на тркала и гуми и сопирачкиот систем се базирани и на Porsche 911. Електронски контролираниот PTV+ диференцијал со ограничено лизгање исто така е изведен од 911.
И што значи сето ова? Од Porsche кажуваат дека врвниот модел забрзува до 100 километри на час за помалку од 3 секунди, и надминува максимални 250 километри на час, а сите изведби ќе бидат со погон на задните тркала. Плус, сите модели 718 Boxster ќе бидат стандардно опремени со E-Shift и со еден клик може да се активира виртуелен седумстепен PDK менувач, носејќи ги дефинирачките карактеристики на PDK возачкото искуство во светот на електричниот погон. Во E-Shift режимот, виртуелното менување е придружено со вистински реконструиран звук на шест-цилиндерски боксер, базиран на препознатливиот звук на Boxster GTS од генерацијата 981. Кога E-Shift режимот не е активен, лопатките добиваат поинаква функција – наместо виртуелни менувачи, можат да се користат за избор помеѓу три фази на рекуперација.
Целосно електричниот 718 Boxster ќе се произведува во главната фабрика на Porsche во Штутгарт-Цуфенхаузен. Премиерата е закажана за првиот квартал од 2027 година. Во меѓувреме, Porsche подготви документарен филм за развојот на новиот 718 Boxster кој ќе биде во четири делови. Првиот е веќе објавен!
















