RAM Rampage официјално пристигнува во Европа – Компактен пикап со 4×4 погон и до 272 коњски сили! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

RAM Rampage официјално пристигнува во Европа – Компактен пикап со 4×4 погон и до 272 коњски сили!

Американскиот бренд RAM ги отвори европските нарачки за Rampage – компактен, но робустен пикап кој ја комбинира практичноста на работно возило со комфорот и технологиите на модерен SUV.

Откако минатата година го најави своето пристигнување во Европа, RAM сега и официјално ги отвори нарачките за Rampage. Интересно, американскиот производител одлучи да понуди нешто поинакво од огромните пикапи по кои е препознатлив – модел кој ги задржува робустноста и практичноста, но во пакет кој е многу посоодветен за европските патишта.

Rampage е долг 5028 милиметри и широк 1886 милиметри, што значи дека е значително покомпактен од класичните американски пикапи. Сепак, тоа не значи дека е помалку практичен – товарниот простор има капацитет од 980 литри, долг е 1450 милиметри и може да собере европалета. Во зависност од изведбата, Rampage може да понесе товар до 1015 килограми.

Интересно е што Rampage не користи класична шасија со одвоена каросерија, туку самоносечка конструкција и независна суспензија со мултилинк поставеност на задната оска. Ова би требало да му овозможи управливост и комфор поблиски до оние на SUV, без притоа да ја жртвува практичноста која ја очекуваме од еден пикап.

Европските купувачи ќе можат да изберат меѓу две изведби – Rebel и R/T. Rebel е наменет за оние кои сакаат повеќе теренски способности, а под предниот поклопец се крие 2.2-литарски турбодизел кој испорачува 200 коњски сили и 450 Nm вртежен момент. Дополнително, Rebel добива 17-инчни тркала со All-Terrain пневматици, дополнителни заштитни елементи и максимална носивост од 1015 килограми.

Но, ако практичноста не ви е единствениот приоритет, тука е Rampage R/T. Спортската изведба добива 2-литарски турбо-бензинец кој испорачува дури 272 коњски сили и 400 Nm вртежен момент. Благодарение на ова, Rampage R/T забрзува до 100 километри на час за само 6.9 секунди и постигнува максимални 220 километри на час. Не се баш бројки кои вообичаено ги поврзуваме со еден пикап, нели?

Дополнително, R/T добива 19-инчни тркала, спортски издувен систем и суспензија која е спуштена за 10 милиметри. Секако, спортскиот карактер носи и мал компромис – максималната носивост е намалена на 750 килограми.

Без разлика на изведбата, силата се пренесува преку 9-брзински автоматски менувач кон сите четири тркала. Тука е и системот 4WD Low, како и Hill Descent Control кој помага при контролирано спуштање по стрмни терени.

А внатре? Па, Rampage сака да покаже дека е повеќе од обичен работен пикап. Кабината добива премиум материјали, кожени седишта со електрично прилагодување во 12 насоки, целосно дигитален инструмент-панел со дијагонала од 10.3 инчи и голем, 12.3-инчен мултимедијален екран. Дополнително, тука е и Harman Kardon аудио-систем, како и цела лепеза системи за асистенција на возачот од Ниво 2, меѓу кои адаптивен темпомат, асистенција за задржување во лента и автоматско сопирање во итни ситуации.

RAM Rampage веќе може да се нарача на европските пазари, а цените започнуваат од 44.000 евра, без даноци. Првите испораки се очекуваат во февруари 2027 година.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.