Range Rover ги пензионира малите модели и оди повисоко – најевтиниот модел ќе чини околу 110.000 евра! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Range Rover ги пензионира малите модели и оди повисоко – најевтиниот модел ќе чини околу 110.000 евра!

Британскиот производител најавува големи промени во својата понуда – популарните Evoque и Velar заминуваат во историјата, а Range Rover во иднина ќе се фокусира исклучиво на најлуксузниот дел од пазарот!

Range Rover сериозно ја менува својата стратегија. Двата најдостапни модели во понудата на британскиот бренд- Evoque и Velar – ќе престанат да се произведуваат во 2027 година, а според најавите, ниту еден од нив нема да добие директен наследник.

Одлуката ја потврди првиот човек на Range Rover – Мартин Лимперт, кој објасни дека двата модели се приближуваат кон крајот на својот животен циклус. Но зад оваа одлука се крие и многу поголема промена – Range Rover сака уште посилно да се позиционира во сегментот на супер-луксузни автомобили.

Со заминувањето на Evoque и Velar, понудата ќе се сведе на само три моделски линии – новиот Range Rover GT, Range Rover Sport и големиот Range Rover. Интересно, улогата на најдостапен модел ќе ја преземе новиот GT, кој се очекува да чини околу над 100.000 евра во својата најевтина изведба. Да, добро прочитавте – толку ќе чини „основниот“ Range Rover!

Новиот Range Rover GT треба да пристигне во 2027 година и ќе биде поставен на новата EMA платформа на JLR. На самиот старт ќе се нуди како целосно-електричен модел, со очекувана почетна цена од околу 120.000 евра, додека подоцна ќе пристигнат и хибридни изведби кои би можеле да ја спуштат цената на околу 110.000 евра.

Но GT нема да биде директен наследник на Evoque или Velar. Напротив – новиот модел ќе има пониска, поелегантна силуета и значително поинаков карактер, со акцент на луксузот, комфорот и динамиката на асфалт. За купувачите кои сакаат потрадиционален луксузен SUV, тука останува Range Rover Sport.

Сето ова е дел од новата стратегија на JLR, според која Range Rover, Defender и Discovery добиваат појасно дефинирани улоги. Помалите и подостапни модели во иднина ќе бидат задача на Defender и Discovery, додека Range Rover ќе се концентрира на најпрестижниот дел од пазарот.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.