ВОЗЕВМЕ: Со Mazda CX-30 на Epic Drive низ Албанија – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ВОЗЕВМЕ: Со Mazda CX-30 на Epic Drive низ Албанија

Mazda организира интересни возачки искуства со своите автомобили, и нè покани да бидеме дел од Epic Drive возењето по (верувајте) неверојатни патишта низ Албанија!

Освежениот CX-30 веќе неколку месеци се нуди на пазарот, но Mazda одлучи дека е идеалниот модел за Epic Drive, и тоа низ соседна Албанија. И верувајте, она кое го видовме, не го очекувавме.

Рутата од вкупно 560 километри започна во Тирана, каде излегувме на автопат и се движевме јужно, кон границата со Грција. И возењето по автопат е во ред – автопат како автопат. Очекувани брзини, можеби малку здодевно, но одлична шанса да видиме повеќе од Албанија. Но вистинската авантура започна кога се исклучивме од автопатот.

Кога се исклучивме и почнавме да го следиме коритото на реката Вјоса (или Војуша), нè пречекаа спектакуларни погледи. И дури и со видео и со фотографии е тешко да се опише сето тоа. Истовремено, возевме по изненадувачки мазен асфалт, кој најверојатно бил направен пред многу, многу години, но низ годините е обновен и одржуван.

Како што ја возевме покрај Вјоса, започнавме да се искачуваме сè повисоко и повисоко, сè до мал град кој се вика Лесковик и е на околу 100-тина метри од границата со Грција. Малиот, мирен град е познат по локално-произведен џин, но уште поважно, се наоѓа многу блиску до заштитено подрачје и навистина прекрасна природа.

Продолжуваме да се движиме и рутата нè води низ.. Места кои не ги знаеме, но изгледаат навистина неверојатно.

Сообраќај скоро и да нема, можеби поминуваат по еден или два автомобили на секои 15-тина километри, а тоа пак значи дека можеме навистина да уживаме во возењето. Рутата нè носи високо во планини, па покрај вештачки езера и пат кој наликува на преминот Стелвио на италијанските доломити. Неверојатно? Неверојатно.

Поврзано:  Mazda сака да ја прошири соработката со кинескиот Changan

И наш сопатник низ сето ова е освежениот CX-30, во комбинација со 2.5-литарски атмосферец и автоматски менувач. Бензинецот испорачува 140 коњски сили при 5000 вртежи во минута и 238 Nm вртежен момент од 3300 вртежи во минута. Можеби и не звучи како многу, но кога ќе го префрлиме автоматскиот менувач во мануелен режим и ќе ја земеме работата „во свои раце“… Има тука и забава за имање! Од свиок во свиок, CX-30 воопшто не се однесува како кросовер, туку повеќе како спортски хечбек кој притоа успева да ги исфилтрира нерамнините од патиштата. Не го знаеме патот, но со оглед на тоа дека е празен и дека свиоците повикуваат…

Кој би рекол дека имаме толку прекрасни патишта за возење, толку блиску до нас…

Напомена: Ова возење се одржа неколку дена пред стартот на протестите во Албанија.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.