Луксузниот бренд на гигантот Geely нè покани на регионалното лансирање, ни го покажа супер-луксузниот 9X и ни најави скоро пристигнување и во Македонија!
На ексклузивниот настан кој се одржа во Белиот Двор во Белград, Zeekr ни ги покажа своите луксузни модели – караванот 7 GT (кој е и наш фаворит), луксузниот SUV 7X, како и огромниот одговор на Rolls Royce и Bentley – новиот 9X!
Добро, но кои се Zeekr? Како што напоменавме, Zeekr е бренд во рамките на Geely Auto Group и се наметнува како глобален бренд со врвни технологии наменети за електрична мобилност. Од Zeekr гордо кажуваат дека ја спојуваат силата на глобалниот гигант со европската душа. Интересно е што Zeekr ги користи ресурсите од Geely, но истовремено развива свои технологии за батерии, системи за управување со батериите и електромоторите и ги користи центрите за истражување и развој, но и дизајн во Гетеборг, Нингбо, Хангџу и Шангај.
И Zeeker не е мал бренд. За точно 5 години (лансиран е во Октомври 2021) испорачани се повеќе од 850.000 возила. Најновиот модел, кој беше претставен пред само неколку дена во Париз и кој веќе пристигна на лансирањето во југоисточна Европа е токму големиот 9X, односно големиот SUV кој ги надминува очекувањата и одново го дефинира зборот Луксуз.
Ајде прво за основата. Под кожата на 9X се крие супер-хибриден погон кој комбинира 2-литарски турбо-бензинец со два електромотори, за да испорача вкупно 600 kW, односно 897 коњски сили. 900-волтниот погон овозможува спринт до 100 километри на час за само 4.1 секунда, но и максимална брзина од 240 километри на час.
Но вистината е дека луксузот е во ентериерот. 9X е голем SUV со три реда седишта во конфигурација 2+2+2. За возачот и совозачот е луксузно – и тука би можеле на долго и на широко да раскажуваме за супер-современите технологии, огромниот хед-ап дисплеј, LIDAR-от, супер-меката Напа кожа, површините обложени со нордиско дрво и многу, многу повеќе – но вистината е дека 9X е најдобар во средниот ред.
Од Zeekr гордо кажуваат дека во средниот ред е како во врвна класа на интер-континентален лет. Од она кое набрзина можевме да го видиме – навистина е така. Седиштата се со „сите нишани“ – од греење и ладењен, до масажа, милион начини на нагодување, поддршка за нозете и многу, многу, многу повеќе. Дури има и паметен „фрижидер“ кој не само што лади, туку и загрева, па ако ви се олади ручекот – има решение и за тоа!
Zeekr наскоро ќе пристигне и во Македонија. Кога точно? Она кое официјално го дознаваме е „во следните месеци“. И би рекле дека луксузните брендови имаат зошто да бидат загрижени.


































