ТЕСТ: Peugeot 3008 1.6 180 GT – Конвенционален бензинец, неконвенционален SUV – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Peugeot 3008 1.6 180 GT – Конвенционален бензинец, неконвенционален SUV

Peugeot 3008 е неконвенционален, храбар SUV кој е замислен и развиен да се комбинира со современи, електрифицирани погони. Па каков е кога се комбинира со конвенционален турбо-бензинец?

Новиот 3008 не ни е непознат. За прв пат седнавме зад управувачот на најновиот француски SUV пред нешто повеќе од две години на неговата интернационална презентација во Кан каде го возевме во целосно-електрична изведба. Потоа го возевме и на наш, домашен терен во комбинација со хибриден погон. Сега е време повторно да зборуваме за 3008, но во комбинација со конвенционален турбо-бензинец.

Времето било добро кон 3008

Иако се поминати повеќе од две години од премиерата на 3008, времето било добро кон него, па денес изгледа подеднакво модерно и самоуверено како и на првиот ден. Како што кажавме уште пред неколку години – 3008 изгледа посебно.  Храбрите дизајни, како овој на 3008 стануваат сè поретки, а тоа ги прави препознатливи и забележителни.

Купеовската форма на 3008 е храбра, остра и наметлива, а препознатливите Peugeot детали гарантираат дека нема да го измешате со ниту еден друг SUV на улиците. И навистина, нема потреба повеќе да објаснуваме – ова е 3008, и доволно сме кажале.

Ниту еден модел на Peugeot не го надмина технолошкиот суверенитет на 3008

Кога Peugeot го лансираше 3008, претстави и сосем нова интерпретација на i-Cockpit и севкупниот пристап кон дизајнот на ентериерите. Во меѓувреме, ниту еден нов модел на Peugeot не го надмина овој пристап и 3008 сè уште суверено доминира со технолошките можности на францускиот бренд.

На арматурната табла е поставен огромен, 21-инчен едноделен „лебдечки“ дисплеј. Самиот дисплеј е поделен во две целини – едната наменета за информациите околу возењето, другата наменета за инфозабавниот уред, навигацијата, мултимедијалните функционалности, итн. Веднаш под него се функционалните i-Toggles кратенки кои можете да ги прилагодите во согласност со вашите потреби.

Седнуваме во возачкото седиште и веднаш се чувствуваме како дома. Иако последен пат сме седнале зад управувачот на 3008 пред околу две години, ова е и понатаму оној добриот, комфорен и премиум 3008 кој добро го познаваме. Целата кабина е обвиена во квалитетни материјали, а многу, многу внимание е посветено на квалитетот на финалната обработка.

Поврзано:  Peugeot ги објави првите фотографии од серискиот e-208 GTi

Но тука сме за турбо-бензинецот

Но ајде да зборуваме за она за кое сме денес тука – а тоа е 1.6-литарскиот турбо-бензинец со четири цилиндри кој Peugeot го нуди во 3008 за одредени пазари. Ова е конвенционален турбо-бензинец, без никаква електрификација – но затоа е докажан бидејќи Peugeot го користи кај своите модели веќе долго време и континуирано го усовршува, рафинира и подобрува.

А што значи тоа? 1.6-литарскиот турбо-бензинец испорачува 180 коњски сили при 5500 вртежи во минута, но уште поважно, испорачува и 300 Nm вртежен момент од само 2000 вртежи во минута. Преведено во перформанси, 100 километри на час пристигнуваат за 8.7 секунди, додека максималната брзина е одлични (и во вистинскиот свет, ретко-каде возможни) 215 километри на час.

Силата се пренесува кон предните тркала преку 6-степен автоматски менувач, а целата таа комбинација резултира со потрошувачка која според официјалните податоци е околу 10 литри на 100 километри во градски услови, односно под 7 литри на 100 километри надвор од град. Ние измеривме потрошувачка од околу 11 литри на 100 километри во градски услови, односно 8 литри на отворено – што и не е толку лошо со оглед на перформансите, димензиите и карактерот на 3008. За оние кои сакаат поефикасен, но помалку моќен погон – тука е хибридниот 3008.

Рафиниран, зрел SUV

Но она што изненадува е рафинираноста на 1.6-литарскиот турбо-бензинец. Добро, тука секако игра улога и рафинираноста на 3008 како целина, но вистината е дека турбо-бензинецот одлично се вклопува со францускиот fastback SUV. Нема никакви несакани вибрации, нема ништо кое би се опишало како несоодветно – турбо-бензинецот едноставно ја дополнува приказната за рафиниран, зрел SUV.

Поврзано:  Peugeot подготвува офанзива со седум нови модели до 2030 година

Инаку, 3008 е и понатаму 3008 – а тоа значи дека е динамичен и управлив. Да, неговиот вистински талент е во рафинираноста и неговото самоуверено однесување на патот, но во комбинација со моќниот турбо-бензинец и неговите динамични страни полесно доаѓаат до израз.

3008 е неконвенционален, но турбо-бензинецот открива негови скриени таленти

3008 е неконвенционален SUV – стоиме позади тоа. Не е SUV за оние кои сакаат да поминат незабележани, ниту пак за оние кои немаат барем некаква мала доза на екстровертност во својот карактер. 3008 секогаш бил поинаков, но мала доза на старошколски турбо-бензински мотор сосем добро му прилега. Всушност, му овозможува да открие и некои од неговите скриени таленти.

Спецификации

Модел: Peugeot 3008 1.6 180 GT
Мотор: 1.6-литарски турбо-бензинец, 4 цилиндри
Моќност: 180 коњски сили / 5500 вртежи во минута
Вртежен Момент: 300 Nm / 2000 вртежи во минута
Менувач: Автоматски со двојна спојка, 6 брзини
0-100 км/ч: 8.7 секунди
Максимална Брзина: 215 километри на час
Должина: 4542 mm
Ширина: 2108 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1641 mm
Тежина: 1648 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2739 mm
Багажен Простор: 520 литри
Потрошувачка: 10.8 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Peugeot 3008 1.6 180 Allure – 30.990 Евра
Цена на тестираниот модел: Peugeot 3008 1.6 180 GT – 36.300 Евра
Повеќе Информации: Peugeot.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.