Големиот Geely Monjaro EM-i пристигнува во Европа – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Големиот Geely Monjaro EM-i пристигнува во Европа

Големиот плаг-ин хибриден SUV на Geely би требало да пристигне во Европа до крајот на оваа или почетокот на следната година.

Името Monjaro доаѓа од планината Килиманџаро, највисоката планина во Африка. Џили Монџаро, Килиманџаро, тука се некаде.

Големиот плаг-ин хибриден SUV е замислен да се бори со големите докажани европски, јапонски и корејски модели. Очекуваме дека најдиректен конкурент на Monjaro ќе биде новиот Skoda Kodiaq. Секако, Monjaro ќе има силни адути на својата страна – од димензиите, па преку опремата и технологиите и сè до цената, секако.

Monjaro е поставен на GEA Evo платформата на Geely и веќе се продава во Кина. Платформата е надградена верзија на платформата која веќе се користи кај електричниот EX5 и плаг-ин хибридниот Starray EM-i (кои веќе ги возевме, кликнете на нивните имиња за дознаете повеќе). Интересно е што Monjaro ќе се нуди само како плаг-ин хибриден SUV со погон на сите четири тркала.

Сега за сега немаме точни информации околу потенцијалните погонски опции кои би се нуделе во Европа, но на домашниот пазар во Кина каде Monjaro се продава под името Xingjue L се нудат два хибридни погони. Првиот користи електрифициран 1.5-литарски турбо-бензинец кој има на располагање вкупно 242 коњски сили. Втората верзија (која мислиме дека има поголеми шанси да пристигне во Европа) користи 1.5-литарски турбо-бензинец во комбинација со два електромотори и голема батерија со капацитет од 41.2 kWh. Оваа верзија поминува повеќе од 200 километри со едно полнење на батериите, а овозможува и брзо полнење со максимални 85 kW.

Секако, ова се само наши шпекулации и не би биле изненадени ако Geely одлучи да понуди сосем друг систем во Европа. Според најавеното, Geely планира да го лансира Monjaro во Европа до крајот на 2026.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.