Ford и Geely ја официјализираа соработката: Кинеските електрични модели ќе се произведуваат во Шпанија – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Ford и Geely ја официјализираа соработката: Кинеските електрични модели ќе се произведуваат во Шпанија

Она што со месеци беше предмет на шпекулации, сега доби и официјална потврда – Ford и кинескиот Geely постигнаа договор за заедничко користење на фабриката во Алмусафес, во близина на Валенсија.

Со тоа, Geely добива свое производствено упориште во Европа, додека Ford обезбедува нов живот за една од своите најважни европски фабрики. Според договорот, Geely ќе користи дел од капацитетите на фабриката за производство на електрични возила наменети за европскиот пазар.

Првиот модел што ќе се склопува во Шпанија најверојатно ќе биде компактниот електричен Geely EX2, со што кинескиот производител ќе може да ги избегне царините за електрични автомобили произведени во Кина и истовремено да ја зајакне својата позиција на европскиот пазар.

За Ford, договорот доаѓа во вистински момент. Фабриката во Алмусафес последните години остана без неколку клучни модели, а моментално го произведува само Kuga, додека новиот Bronco се очекува да пристигне на производните линии дури во 2028 година. Новото партнерство ќе помогне подобро да се искористат капацитетите на фабриката, да се намалат трошоците и да се зачуваат илјадници работни места.

Ова е уште еден доказ дека кинеските производители сè повеќе се ориентираат кон производство во Европа наместо кон увоз на готови возила. Наместо изградба на нови фабрики, тие ги користат постојните капацитети на европските производители, што претставува побрз и поекономичен начин за проширување на присуството на Стариот континент.

Партнерството меѓу Ford и Geely воедно покажува колку брзо се менува автомобилската индустрија. Производители кои до неодамна беа директни конкуренти сега сè почесто соработуваат за да ги намалат трошоците, да ги искористат постојните производствени капацитети и полесно да одговорат на сè посилната конкуренција во ерата на електрификацијата.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.