Премиера: 788 High Sport е најновиот модел на McLaren – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Премиера: 788 High Sport е најновиот модел на McLaren

Со купе и спајдер варијантите на 788HS, брендот го означува крајот на производството за сериите 720S, 765LT и 750S.

Во срцето на супер-автомобилот се наоѓа добро познатиот 4-литарски V8 мотор со два турбополначи. Моќноста се искачува на 788 коњски сили и 800 Nm вртежен момент, што е доволно за забрзување од 0 до 100 км/ч за само 2,8 секунди и максимална брзина до 330 км/ч.

Купе верзијата има сува тежина од само 1.265 килограми, што му дава на 788HS најдобар однос помеѓу моќноста и тежината во целата серија: 623 коњски сили по тон.

Супер-автомобилот исто така генерира 10 проценти повеќе потисна сила во споредба со екстремниот 765LT, благодарение на новоразвиениот аеродинамички пакет кој вклучува заден дифузер инспириран од Формула 1.

Новиот преден сплитер и подигнатиот активен заден спојлер помагаат возилото да остане залепено за патот, додека редизајнираниот воздушен канал на хаубата ги намалува вибрациите.

Предната оска е поставена за 5 мм пониско во споредба со 750S благодарение на усовршената хидраулична суспензија, додека за сопирањето се грижат карбон-керамичките дискови кои се преземени од моделот Senna.

Ова е дури третиот модел што ја носи ознаката High Sport, по MP4-12C HS од 2012 година и MSO HS од 2016 година.

Сите 200 (по 100 од купето и 100 за спајдерот) примероци ќе бидат финално обработени од одделот McLaren Special Operations, па очекуваме дека сите ќе добијат посебни персонализации според желбите на сопствениците.

 



Автомобилски ентузијаст преку ден, DJ преку ноќ!