Поместување кое не го очекувавме – Dongfeng и Huawei заедно го лансираат брендот Epicland – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Поместување кое не го очекувавме – Dongfeng и Huawei заедно го лансираат брендот Epicland

Ако баравме уште еден показател за храброста и подготвеноста на кинеските производители да одговорат на барањата на пазарот – не треба да гледаме подалеку од новото партнерство меѓу гигантите Dongfeng и Huawei.

Таман ќе си помислиме дека „им го фативме редот“ на кинеските производители – и ќе пристигне ново изненадување кое едноставно… Изненадува!

Кинескиот гигант Dongfeng започна стратешка соработка со технолошкиот гигант Huawei, а резултат на таа соработка е целосно-нов премиум бренд за New Energy возила. Брендот се вика Epicland, а амбициите се јасни – позиционирање во високите сегменти на пазарот и привлекување на купувачи од премиум сегментите.

Проектот претставува сериозна инвестиција од околу 10 милијарди јуани, а во неговиот развој учествува тим од околу 5.000 луѓе. Целта е да се комбинира долгогодишното искуство на Dongfeng во шасија и безбедност со најновите интелигентни технологии на Huawei.

А доказ за тоа дека работат брзо и подготвено е фактот дека Epicland веќе дебитираше на Auto China 2026 во Пекинг. Првиот модел е големиот Epicland X9, насочен директно кон премиум класата, јасно насочен кон развој на напредни, луксузни електрични возила.

И секако, придобивките од соработката со Huawei се веднаш препознатливи – највеќе во системот за целосно автономно возење. На кровот е поставен LIDAR сензор од Huawei, и тоа сензор со највисока резолуција досега вградена во сериско производство.

Овој систем е дел од Qiankun ADS 4.1 платформата, која користи вкупно 36 надворешни сензори – вклучувајќи дополнителни solid-state LiDAR-и, милиметарски радари, ултразвучни сензори и високорезолуциски камери – овозможувајќи напредно ниво на автономно управување во различни услови на патот.

И технолошкиот пристап продолжува во кабината, која Epicland ја нарекува Harmony Space 6. Доминантни се двата 17.2-инчни екрани со „Butterfly Wing“ дизајн, на кои работи HarmonyOS. Дополнително, кабината добива супер-комфорни zero-gravity седишта, најнов систем за гласовна интеракција со возилото и многу, многу повеќе.

Epicland X9 е првиот модел развиен заеднички со Huawei кој ја интегрира целосната технолошка платформа на компанијата – од автономно возење и паметна кабина, до интелигентна шасија, автомобилска оптика и cloud услуги. Возилото е базирано на 800-волтна архитектура и ќе биде достапно во целосно електрична и Range-Extender верзија.

Во однос на возните перформанси и комфор, моделот е опремен со двокоморна воздушна суспензија, континуирана контрола на амортизацијата и управување на сите четири тркала, што обезбедува стабилност, удобност и динамика на високо ниво.

Безбедноста останува еден од главните приоритети: каросеријата има исклучително висока цврстина, а возилото е опремено со напредни системи за заштита на батеријата. Концептот зад моделот се базира на идејата дека „безбедноста е најголемиот луксуз“, особено важна за семејните корисници.

Од компанијата истакнуваат дека побарувачката за големи семејни возила со шест седишта продолжува да расте, особено во премиум сегментот, што е и причината зошто Epicland се фокусира токму на оваа категорија. Во рамки на својата стратегија, брендот планира да се концентрира на 79 клучни градови во Кина и да изгради повеќе од 300 премиум продажни и сервисни центри, со силен фокус на квалитетно корисничко искуство и услуга. Сега за сега нема официјална најава за ширење и во Европа, но со оглед на досегашната стратегија на Dongfeng, не би биле изненадени доколку наскоро пристигнат и кај нас.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.