MG на пазарот во Обединетото Кралство го лансираше MGS9 – голем плаг-ин хибриден SUV со 7 седишта кој до крајот на годината би можел да се продава и во останатите европски земји.
Големиот MGS9 веќе се продава на некои пазари, но ова е негово деби во Европа. Сега за сега нема официјална конфирмација околу евентуалното ширење и низ други земји во Европа, но со оглед на успехот на MG на стариот континент и агресивната продажна политика, не би биле изненадени доколку MGS9 наскоро се појави и во други земји, па и кај нас.
Плус, MGS9 веќе освои пет ѕвездички на Euro NCAP тестовите за безбедност – а тоа помалку или повеќе потврдува дека MG сака да го продава на што е можно повеќе пазари во Европа.
Инаку, MGS9 го користи плаг-ин хибридниот погон кој веќе се вградува во MG HS – а тоа значи 1.5-литарски турбо-бензинец, електромотор и голема (за плаг-ин хибрид) батерија со капацитет од 23.2 kWh. Сето тоа значи вкупна системска моќ од 299 коњски сили и 350 Nm вртежен момент, но и автономија до 100 километри на струја.
И кога сето тоа ќе се искомбинира со димензиите на MGS9 (кој е долг скоро 5 метри) и можност да се добие со седум седишта, се добива навистина интересна и привлечна конфигурација – особено за семејните купувачи.
Од MG гордо кажуваат дека дури и со третиот ред, MGS9 има багажник со капацитет од 322 литри, односно дури 1000 литри кога третиот ред е преклопен. Секако, тука се и сите современи технологии кои ги очекуваме, како и многу, многу (многу-многу) опрема.










