Францускиот производител пред само неколку моменти го претстави освежениот 408 кој ја следи дизајнерската храброст која неодамна ја видовме и кај освежениот 308.
Погледнете го освежениот 408 и веднаш ќе ги препознаете визуелните освежувања. Најмногу внимание е посветено на предниот дел, каде 408 ја следи истата дизајнерска насока која неодамна ја видовме и кај 308 – тенките дневни светла со новиот светлосен потпис (со осветлен Peugeot знак) на брендот и светлосни елементи скриени во браникот. Со ова, 408 добива нов, заострен лик во духот на новите дизајнерски правила на Peugeot.
Профилот е неизменет, но добиваме нови бои и нови дизајни на тркалата.
Интересно освежување има на задниот дел – 408 е првиот модел на францускиот бренд кој добива осветлена ознака PEUGEOT во едноделниот светлосен елеменет.
Во кабината има дискретени технолошки освежувања, со нова графика за 3D i-Cockpit системот. Но она што е поважно – кабината на 408 добива уште поквалитетни материјали, а од Peugeot кажуваат дека 408 е најдарежливиот модел на брендот кога станува збор за простор на задните седишта.
Во зависност од изведбата, можете да добиете и Air Quality System (AQS) и Clean Cabin – AQS системот го надгледува квалитетот на воздухот и активира рециркулација доколку забележи дека е потребно, додека Clean Cabin може да го третира воздухот за да филтрира ситни честички и загадување.
Секако, Peugeot ја продолжува соработката со Focal, па врвните верзии на 408 добиваат и премиум аудио-уред, а нагласуваат и дека предните и задните стакла сега се подебели и дополнително ламинирани за подобра звучна изолација и уште попремиум чувство во кабината.
Во однос на погонските опции, 408 и понатаму може да се добие како целосно-електричен E-408 кој сега има 213 коњски сили и може да помине до 456 километри (според WLTP мерењата). Оваа конфигурација користи NMC батерија со достапен капацитет од 58.2 kWh, а потрошувачката на електрична енергија е импресивно-ниски 14.7 kWh на 100 километри.
Интересен новитет е плаг-ин хибридниот погон кој сега испорачува вкупно 240 коњски сили. Овој погон комбинира турбо-бензинец кој испорачува 180 коњски сили со електромотор кој испорачува дополнителни 132 коњски сили. Вкупната, системска моќност е 240 коњски сили, а батеријата со капацитет од 14.7 kWh овозможува автономија на струја до 85 километри.
И секако, во понудата останува и 408 Hybrid со 145 коњски сили. Овој супер-ефикасен погон ветува ниска потрошувачка од само 5 литри на 100 километри (според WLTP), но уште поважно – благодарение на ефикасниот погон и малата батерија, до 50% од урбаното возење може да биде на струја.
Освежениот 408 треба да пристигне во салоните во следните неколку месеци.




















