Huge е огромен SUV од Aeolus подбрендот на Dongfeng – и да, името совршено го опишува автомобилот.
Веќе се навикнавме да очекуваме повеќе од кинеските брендови. Повеќе простор, повеќе опрема, повеќе моќ, повеќе… Сè! И ако постои пример за тоа очекување – тогаш примерот најверојатно би бил Dongfeng Huge.
Huge плени со неговата појава. Нема бегање од вистината дека е Огромен!
На прв поглед, Huge плени со неговата појава. Едноставно, нема бегање од вистината дека е.. Огромен! А понатаму, ги забележуваме и деталите на внимателниот дизајн. На предниот дел вниманието оди највеќе кон огромната предна маска и предните светла кои како да се интегрирани во неа.
Профилот е конвенционален за SUV – површините се чисти, со дефинирана карактерна линија и без непотребни џиџи-миџи. Најверојатно добро би му стоеле еден број поголеми тркала, но всушност фактот дека 19-инчните тркала (обвиени во Pirelli Scorpion пневматици) изгледаат мали, повеќе зборува за тоа дека Huge е навистина огромен.
На задниот дел вниманието оди прво кон едноделниот светлосен елемент со интересна графика, а потоа кон дискретниот заден спојлер и задниот браник со (за жал) лажни декоративни завршетоци за издувниот систем.
Плус, забележуваме и практични моменти – на пример, кровните носачи се убав додаток во сериската опрема.
Но сè на сè – Huge изгледа достоинствено и самоуверено, па дури и малку наметливо.
Комфорна кабина, многу простор, прекрасни седишта и пештера место багажник.
Слично е и во кабината. Главниот фокус е даден на просторноста и комфорот. Веднаш нè пречекуваат големи, фотелјести седишта (обвиени во Nappa кожа!) кои се нагодуваат во сите насоки, па лесно се наоѓа комфорна и прегледна возачка позиција. Совозачкото седиште има Queen Seat функција, односно има потпирач за долниот дел од нозете, па на подолги патувања се трансформира во седиште соодветно за кралица.
Пред возачот (на 10.25-инчен дисплеј) се поставени дигиталните инструменти, додека на централната конзола е поставен 13.2-инчниот мултимедијален систем со дигиталните функционалности. Под него се поставени физичките контроли за клима-уредот, а под нив е и безжичниот полнач за мобилен телефон. На централниот гребен меѓу возачот и совозачот ќе ги најдете рачката за менувачот и контролерот за режими на возење.
Инструментите се јасни и разбирливи, додека инфозабавниот систем е релативно лесен за разбирање и користење. Лесно се поврзува со мобилен телефон, но за жал нема Android Auto и Apple CarPlay поврзување. За да компензира за тоа, има систем за пресликување (mirroring) на мобилен телефон – па сè што имате на телефонот, можете да го имате и на централниот дисплеј. Бонус додаток на нашиот тестен модел беше Jamo-брендираниот аудио систем кој мораме да го пофалиме.
Инаку, завршната обработка и материјалите се на прилично добро ниво. Во пониските делови од вратите и кабината има некои поцврсти пластики, но она кое секојдневно ќе го користите и ќе го допирате е обвиено со квалитетни и пријатни материјали.
На задната клупа има многу (ама многу!) простор. Се прилагодува и наслонот, па патниците ќе патуваат комфорно и кон подалечи дестинации, а ќе ги пофалиме и двата USB-C полначи во задниот ред, кои испорачуваат максимални 60w – па полнење разно-разни уреди, таблети и телефони нема да биде проблем.
Кон багажникот се пристапува преку огромна петта врата, а самиот багажник е со капацитет од масивни 770 литри, односно пештерски 2160 литри со преклопена задна клупа.
Турбо-бензинец, 201 коњска сила и автоматски менувач.
Добро, а што е задолжено да задвижува ваков огромен SUV? Очекувано, под предниот поклопец се наоѓа 1.5-литарски турбо-бензинец кој испорачува 201 коњска сила при 5500 вртежи во минута и одлични 305 Nm вртежен момент достапни од 2000 до 4000 вртежи во минута.
Силата ја пренесува кон предните тркала преку 7-степен DCT автоматски менувач со двојна спојка, а сето тоа значи забрзување до 100 километри на час за 8.2 секунди и максимални 190 километри на час. Плус, поради вртежниот момент кој е достапен од релативно ниски вртежи, моторот се чувствува еластичен и агилен и подготвен да ја го задвижи 1608-килограми тешкиот Huge на било кои вртежи. Менувачот скоро безосетно си ја работи работата, што пак резултира во мирно, достоинствено патување. За време на неколкудневното возење, борд-компјутерот покажа потрошувачка од околу 10 литри бензин на 100 изминати километри.
Комфорен во сите ситуации.
Управувањето е директно и прецизно, но без никаков фидбек. Од друга страна, навалувањето на каросеријата е одлично контролирано, па дури и при подинамично возење, Huge ја задржува неговата смиреност. Да, во ред, вистината е дека Huge е ориентиран кон комфор а не кој спортски перформанси, но убаво е да се знае дека нема да „се изгуби“ кога ќе го насочите кон свиоци. Истовремено, суспензијата успева да ги впие повеќето нерамнини од нашите патишта.
Во град, нема бегање од димензиите на Huge, но затоа тука се камерите и сензорите кои ги олеснуваат движењето низ градскиот метеж, маневрирањето и паркирањето. А доброто растојание од подлогата овозможува и храбри авантури дури и кога ќе снема асфалт. Океј, Huge не е теренец-теренец, но ниту пак се плаши од мали офроуд авантури.
На отворено, Huge си го наоѓа темпото. При автопатски брзини и потрошувачката се намалува, а патувањето е комфорно и мирно. При (значително, направено во Мексико, ветуваме) надминување на максимално-дозволената брзина се забележува мало нарушување на мирот во кабината, но тоа е поради бучавост од ветерот. Држете се до дозволените брзини и во кабината е мирно, тивко и комфорно.
Huge силно игра на неговите силни страни.
И океј, по сето ова, каков е заклучокот за Huge? Па вистината е дека Huge силно игра на неговите силни страни – димензиите, опремата и комфорот. Дури би додале дека паметна е одлуката да не се нудат 7 седишта, бидејќи едноставно, за 99% од возачите, тие не се потребни, ниту пак некогаш ќе се искористат. Од друга страна, се добива многу простор во кабината, огромен багажник и едно чудо технологии. И сето тоа по многу прифатлива цена. И воопшто не сме изненадни што Huge веќе станува редовен на нашите улици.
Спецификации
| Модел: | Dongfeng Huge 1.5 1.5 Turbo 201 7DCT Premium+ |
| Мотор: | 1.5-литарски турбо-бензинец, 4 цилиндри |
| Моќност: | 201 коњски сили / 5500 вртежи во минута |
| Вртежен Момент: | 305 Nm / 2000 вртежи во минута |
| Менувач: | Автоматски со двојна спојка, 7 брзини |
| 0-100 км/ч: | 8.2 секунди |
| Максимална Брзина: | 190 километри на час |
| Должина: | 4720 mm |
| Ширина: | 1910 mm (без странични ретровизори) |
| Висина: | 1702 mm |
| Тежина: | 1608 килограми |
| Меѓуоскино Растојание: | 2825 mm |
| Багажен Простор: | 650 – 1610 литри |
| Потрошувачка: | 10.8 литри на 100 километри (измерена, градска) |
| Цена на основниот модел: | Dongfeng Huge 1.5 Turbo 201 7DCT Intelligence – 31.490 Евра |
| Цена на тестираниот модел: | Dongfeng Huge 1.5 Turbo 201 7DCT Premium+ – 33.490 Евра |
| Гаранција: | 8 години / 200.000 км |
| Повеќе Информации: | Dongfeng Македонија |

















































