По социјалните мрежи се шири дискусија за тоа дека „електричните автомобили се радиоактивни“. Но дали е тоа навистина така? Одговорот доаѓа од германскиот ADAC.
Сигурно сте прочитале некој таков загрижувачки и срцепарателен текст, или пак некое YouTube видео (направено за привлекување прегледи, секако) за тоа дека електричните возила нè изложуваат на „нездрави нивоа на радијација“ бидејќи батериите и електромоторите имаат ELF (Extremely Low Frequency) зрачење кое понекогаш се нарекува и „електросмог“.
Германскиот ADAC направи истражување токму околу зрачењето од електромагнетни полиња кај електричните автомобили – и истражувањето покажа дека возачите и патниците се изложени на одредено зрачење, но не повеќе од зрачењето кое го емитуваат и автомобилите со конвенционални мотори. Во некои случаи – тоа е дури и помало!
Истражувањето било нарачано од Германската Федерална Организација за Заштита од Радијација, а биле тестирани единаесет електрични возила, неколку хибридни автомобили и конвенционален бензински модел. Инженерите од ADAC поставиле 10 сонди во кукла која ја поместиле низ барем две позиции на седење при возење и полнење на автомобилите. Со ова сакале да дознаат колку се силни магнетните полиња во вистински услови и дали доаѓаат до некој праг кој научниците би можеле да го сметаат за ризичен.
За време на тестирањето, тимот забележал неколку кратки „пикови“ при нагло забрзување или сопирање, или пак кога некои одредени компоненти се активираат, но напоменуваат дека ваквите случаи не се несекојдневни кај автомобили кои се базирани врз вакви системи. Според ADAC, ефектите на човечкото тело во овие услови се значително под препорачаните граници.
Дополнително, напоменуваат дека повисоките измерени вредности се измерени кај стапалата на возачите, не близу до главите. Изненадувачки, едно од најголемите зрачења доаѓа од грејачите на седиштата – а нив ги има во сите видови на возила, не само во електричните. Но дури и во тие случаи, зрачењето е далеку од опасно и значително под границите.
Немало никакви причини за грижа ни при полнење. Интересно, при AC споро полнење, се забележани посилни отчитувања при стартот на полнењето кои понатаму се намалуваат, а при брзо DC полнење се забележани послаби полиња во однос на AC полнењето – иако DC полнењето е значително побрзо и помоќно.







