Porsche Driving Experience 2025: Годишна прослава на перформансите и коњските сили! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Porsche Driving Experience 2025: Годишна прослава на перформансите и коњските сили!

Овогодинешното Porsche Driving Experience нè стави зад управувачот на најновите модели на Porsche и ни овозможи да искусиме од 400 па сè до скоро 1000 коњски сили.

Годишниот (па некогаш дури и почесто) настан на Porsche кога имаме можност да седнеме зад упраувачот на неколку различни модели на германскиот спортски (и луксузен) бренд стана своевиден редовен аџилак за нас, вљубениците во перформансите и коњските сили. Секоја година со нетрпение ја очекуваме оваа прослава на автомобилскиот хедонизам и коњските сили и навистина уживаме во секој момент поминат во некој од автомобилите на Porsche.

Годинава имавме на располагање еклектичен микс на возила – од бензински, преку хибридни, па сè до електрични. Од легендарниот, незаменлив 911, преку хибридниот Cayenne S E-hybrid и моќниот Cayenne GTS со голем V8, па сè до Taycan Turbo и неговите скоро 900 коњски сили.

Еден од најважните новитети годинава е 911 Carrera GTS со иновативниот T-Hybrid погон, кој ги заменува конвенционалните турбо-полначи со турбо-полнач задвижуван од електромотор. Ваквото решение овозможува безмалку инстантна реакција на секое притискање на педалата за гас и врвни перформанси без турбо-лаг. Резултат на сето ова? 540 коњски сили и 610 Nm вртежен момент, кои пак овозможуваат лансирање до 100 километри на час за само 3 секунди и максимални 312 километри на час. Забрзувањето го испробавме, максималната брзина – за жал, не.

Седнавме и зад управувачот на „основната“ 911 Carrera, која сега има скоро 400 коњски сили и 450 Nm вртежен момент. И основната верзија и не е толку основна – спринтот до 100 километри на час трае „дури“ 4.1 секунда, а максималната брзина е 294 километри на час.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Porsche 911 Turbo S станува хибриден супер-автомобил со 711 коњски сили!

Имавме можност да седнеме и зад управувачот на две хибридни изведби на Cayenne – едната Cayenne E-Hybrid со 3-литарски V6 и електромотор и вкупно 470 коњски сили, другата Cayenne S E-Hybrid со истиот 3-литарски V6, но со вкупно 519 коњски сили.

Но најинтересната изведба беше новиот Cayenne GTS кој под поклопецот крие 4-литарски твин-турбо V8 кој испорачува „округли“ 500 коњски сили и 660 Nm вртежен момент. Во Sport режим моќниот V8 јасно и гласно го најавува своето присуство и го катапултира големиот SUV до 100 километри на час за 4.4 секунди и продолжува да забрзува сè до максимални 275 километри на час. Но она што навистина импресионира е начинот на кој Cayenne GTS совладува свиоци – одамна зборуваме дека Cayenne се однесува како да не е SUV, но Cayenne GTS го носи тоа до нов екстрем – едноставно, флуидноста од свиок до свиок е ненадмината од било кој друг ваков модел, а гените на Porsche се целосно јасни и препознатливи.

Конечно, седнавме и зад упраувачот на Macan 4S (кој неодамна го имавме на тест, и тоа можете да го погледнете тука), но и зад управувачот на Taycan Turbo. Моќниот електричен спортски автомобил располага со 884 коњски сили и дури 940 Nm вртежен момент.

Вклучете Launch Control и на располагање имате дури 950 коњски сили кои пак овозможуваат „кршење врат“ до 100 километри на час за само 2.7 секунди. Но вистинскиот талент на Taycan е совладувањето свиоци – големите, широки пневматици овозможуваат идеално прилепување до подлогата и бесконечниот „грип“ едноставно влева доверба во неговите таленти. Да, Taycan е електричен, но истовремено, Taycan е Porsche, а тоа нешто значи.

Вистинска прослава на коњските сили и перформансите. Настан на кој секоја година со задоволство учествуваме, и настан на кој секоја година повторно и повторно остануваме без зборови. Токму поради коњските сили и перформансите.

Поврзано:  RML GTH е хипер-автомобил базиран на Porsche 911 Turbo S

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.