Во Минхен го видовме најновиот модел на мега-популарниот компактен хечбек, кој со новата генерација носи значајни промени во дизајнот и технологијата.
Новото Clio доаѓа со поагресивен дизајн, комплетно нова предна маска и нов облик на предните и задните светла. Дополнително, моделот е достапен во новите бои Absolute Red и Shadow Grey.
Зголемени се и димензиите – должината е сега 4116 мм, ширината 1768 мм, и висината 1451 мм, додека меѓуоскиното растојание изнесува 2591 мм. Багажниот простор е се уште водечки во класата и кај бензинскиот модел изнесува 391 литар.
Погонската палета се состои од трите опции: 1.2 литарскиот TCe 115 турбо-бензински мотор достапен со мануелен или автоматски менувач; Eco-G 120 бензинецот со плински уред кој е достапен исклучиво со автоматски менувач и најнапредниот 1.8 литарскиот Full Hybrid E-Tech со 160 коњски сили. Последниот е комбиниран со електромотор со чија помош забрзувањето од 0 до 100 км/ч се достигнува за 8.3 секунди.
Хибридната верзија се истакнува по рекордно ниската комбинирана потрошувачка од само 3.9 литри на 100 км и CO₂ емисии од 89 грами на километар.
Во внатрешноста се користени квалитетни и рециклирани материјали, а вграден е и двојниот екран со OpenR Link и интегрирани Google функционалности. Достапни се и до 29 напредни помошни системи за возачот, вклучувајќи го адаптивниот темпомат со интелигентна асистенција и автоматското сопирање во случај на итност.
Новиот Renault Clio ќе се произведува во Франција и Турција, а во продажба се очекува да се појави до крајот на 2026 година.



















