ТЕСТ: Geely EX5 MAX BEV – Сето знаење на Geely во еден автомобил – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Geely EX5 MAX BEV – Сето знаење на Geely во еден автомобил

Електричниот EX5 на прв поглед можеби не изгледа така, но во него се фокусира сето знаење и сета експертиза на кинескиот гигант Geely.

Ако до пред неколку години, придавката „кинеско“ беше скоро секогаш прифатена во негативна конотација, изминативе неколку години го гледаме токму спротивното. Технолошките чекори од седум милји кои доаѓаат токму од Кина наметнуваат едно сосем поинакво прифаќање на нештата. Токму таа вистина (сакале ние или не), нè натера да ги надминене сопствените предрасуди и да погледнеме мааааалку подалеку.

Добро, но како е тоа поврзано со EX5? Па, ова е еден од оние автомобили за кои со задоволство можеме да кажеме дека е кинески автомобил. Бидејќи тоа не е нешто негативно или погрешно. Баш напротив.

Кога пред неколку месеци го имавме првиот контакт со Geely EX5 на интернационалната презентација во Белград, кажавме дека електричниот SUV е всушност врв на технолошкото портфолио на кинескиот гигант. Во својот прв глобален автомобил (кој воедно го уловивме и како минува низ тестирање и низ Македонија), Geely ги вложи сето свое знаење и сета своја експертиза за да понуди автомобил на многу дискретни (и не баш толку дискретни) начини е подобар од своите конкуренти. На нашиот пазар EX5 се нуди само во една, врвно-опремена конфигурација. Што би рекле ние, со „сите нишани“.

Супер-современа платформа со сите најнови технолошки достигнувања на Geely

Ајде прво за основата. EX5 е поставен на GEA 3.0 платформата на Geely наменета за нови енергии и најнови технологии. Дел од оваа платформа се Short Blade батериите кои се покомпактни и посилни, а истовремено имаат зголемена енергетска густина. Како директен пример за тоа е податокот дека внатрешниот отпор на батериите е намален за 5.5% во однос на директните конкуренти, а тоа пак овозможува поефикасно и побрзо полнење, до 52% побрзо просечно полнење и одлична автономија.

Со батерии со капацитет од само 60.2 kWh, комфорно поминува повеќе од 400 километри во град. Всушност, за време на тестирањето, на врелиот скопски асфалт и на температури кои „лабаво“ се движеа околу 40 степени, просечната потрошувачка на EX5 (со вклучена клима) се движеше околу 16-17 kWh на 100 километри! А кога го ставивме EX5 на брз полнач, за 15 минути ги наполнивме батериите од 27 до 64%. Интересно, иако EX5 според официјалните спецификации се полни со максимални 100 kW, забележавме дека на моменти се полнеше со моќност до 120 kW.

Задолжен за задвижување на EX5 е електромотор кој испорачува 218 коњски сили и 320 Nm вртежен момент, доволни за 100 километри на час да пристигнат за 7.1 секунда и да се достигне максимална брзина од 175 километри на час.

Поврзано:  Пристигнаа Geely Cityray и електричниот EX5!

EX5 привлекува со неговата смиреност, не со агресивниот дизајн.

Инаку, дизајнот на EX5 е прилично конзервативен, дури и малку анонимен. Тоа значи дека EX5 не се наметнува со визуелниот ефект, туку со неговата смиреност. На предниот дел нема традицонална решетка бидејќи едноставно не е потреба, а во страниците од предниот браник се поставени насочувачи за воздухот за да се извлече максимумот од аспект на аеродинамика.

Профилот е конвенционален за еден SUV – тука е традиционалната „two-box“ форма и рачките се вовлекуваат во вратите (уште еден чекор кон подобрената аеродинамика) но дизајнот е сепак современ благодарение на големите тркала и нагласениот, остар заден спојлер. А кога сме кај задниот дел, ова е можеби најинтересниот агол на EX5 – доминира големиот, широк светлосен елемент со слоевита графика.

Сè на сè, EX5 изгледа дискретно и ненаметливо. Како што рековме, тој привлекува со неговата смиреност.

Хај-тек кабина на која ќе завидуваат и значително (значително!) поскапи конкуренти

А смиреноста едноставно доминира во кабината. Ја отвораме вратата и веднаш ги забележуваме двата големи екрани – едниот пред возачот на кој се прикажуваат информации околу возењето, другиот на арматурната табла кој се користи за сите други функционалности во кабината. Задолжен за сите функционалности во EX5 е Flyme Auto оперативниот систем кој Geely го има развиено заедно со Meizu и кој е базиран врз напреден Dragon Eagle-1 процесор кој има скоро 9 милијарди транзистори и кој едноставно функционира супер-брзо и супер мазно.

А дел од Flyme Auto е и Flyme Sound аудио системот кој користи вкупно 16 звучници за да испорача беспрекорен и моќен звук. И всушност, слично е скоро насекаде во кабината – скоро сè е на ниво на автомобили кои се 2-3 класи повисоко во хиерархија на нештата (и чинат 2-3 пати повеќе, ако сме искрени), а во кабината преовладува чувство на смиреност и комфор.

Поврзано:  Пристигнаа Geely Cityray и електричниот EX5!

Има многу простор, како на предните седишта, така и на задната клупа. Предните седишта покрај греењето и вентилирањето (и системот за масажа!) целосно се навалуваат наназад, а совозачкото седиште дури се трансформира во комфорна фотелја со поддршка за нозете. Плус, добивате безжични полначи за мобилен телефон, еден куп места за складирање ситници и многу, многу внимание посветено на деталите.

Некакви забелешки? Па ако сме искрени (и тука веќе се препознаваат и нашите пензионерски амбиции), не ни се допаѓа што нема физички контроли за клима-уредот. Аудио уредот може да се контролира преку „тркалцето“ на централниот гребен, а има и физички копчиња за неколку дополнителни функционалности, но сепак би сакале „тркалца“ и за клима-уредот. Но повторно, тоа се желби на нашите „скриени пензионери“, вистината е дека лесно и брзо (и веќе сите) се навикнавме на ваквиот начин на функционирање.

Плус, добивате и огромен багажник. На располагање имате багажник со капацитет од одлични 461 литар, кои растат на 1877 литри со преклопени задни седишта.

Комфорен и тивок, без разлика на условите

И тоа нè носи до последната точка за која треба да разговараме, а тоа е однесувањето на EX5 на патот. И вистината е дека EX5 се однесува како што очекуваме – не очекувајте од него да биде спортски SUV, бидејќи едноставно не е. И не ни треба да биде, ниту пак сака да биде. Суспензијата е ориентира кон комфорот, сите команди се лесни и EX5 наметнува поопуштен стил на возење. Во кабината не се пренесуваат скоро никакви несакани вибрации од подлогата, дури и по нашите улици кои се светски познати по мазниот асфалт.

Поврзано:  Пристигнаа Geely Cityray и електричниот EX5!

Низ град лесно се снаоѓа низ урбаниот метеж благодарение на многуте камери и сензори, додека на отворен пат останува тивок и рафиниран. Плус, има и супер-практични ситници – на пример, при паркирање, покажува уште колку сантиметри имате до што-и-да-е позади вас. Можеби звучи како ситница, но верувајте – оооодлична работа!

Да заокружиме.

Всушност, да заокружиме. EX5 е директен пример за тоа што може да направи една компанија која едноставно ги има ресурсите и експертизата и сите потребни технологии за да го помрдне пазарот. Ги има сите технологии со кои Geely располага (и користи знаење и од Volvo, за што сведочат петте ѕвездички на Euro NCAP тестирањата), и сето тоа го пакува во комфорен, практичен и ефикасен електричен SUV. И воопшто не се срами од потеклото.

Спецификации

Модел: Geely EX5
Погон: Еден електромотор, батерија 60.2 kWh, пренос кон предните тркала
Моќност: 218 коњски сили
Вртежен Момент: 320 Nm
Менувач: Автоматски, директен
Забрзување 0-100 км/ч: 7.1 секундa
Максимална Брзина: 175 километри на час
Должина: 4615 mm
Ширина: 1901 mm (без странични ретровизори)
Висина: 1670 mm
Тежина: 1765 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2750 mm
Багажен Простор: 461 – 1877 литри
Автономија: 430 километри според WLTP (комбинирано)
400 километри (измерени)
Цена на тестираниот модел: Geely EX5 BEV MAX – 36.900 Евра
Гаранција: 6 години / 150.000 километри
8 години / 150.000 километри на батеријата
Повеќе Информации: Geely Македонија

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.