Во салонот на Geely во Скопје веќе се изложени новите модели на кинескиот бренд – новиот Cityray и целосно-електричниот EX5.
Со пристигнувањето на Cityray и EX5, Geely на македонскиот пазар сега нуди дури четири различни модели. Покрај новите модели, тука се и Coolray и Starray (кој од неодамна е достапен и со 2-литарски турбо-бензинец и погон на сите четири тркала).
Во хиерархијата на Geely, Cityray е токму во средината, поставен меѓу компактниот, урбан Coolray и големиот Starray. Дизајнерски и технолошки, влече инспирација токму од својот поголем брат и веднаш се препознава влијанието кое Starray го има врз новиот автомобил. Cityray ги нуди (помалку или повеќе) истите технологии кои ги нуди и Starray, а доаѓа со 1.5-литарски турбо-бензинец кој испорачува 174 коњски сили и овозможува забрзување до 100 километри на час за само 7.9 секунди.
Во моментов се работи на формирање на цените на Cityray. Ќе биде достпаен во неколку различни нивоа на опрема, а од Сигурни Извори дознаваме дека цената ќе биде навистина интересна и конкурентна, особено ако се земат предвид димензиите, погонот и опремата на Cityray.
Вториот новитет е целосно-електричниот EX5, кој ние веќе го запознавме на неодамнешната интернационална презентација во Белград. EX5 е поставен на целосно нова платформа на Geely, наменета за нови енергии и најнови технологии. Важен новитет се и новите Short Blade батерии на Geely. Батериите се пократки и посилни, имаат зголемена енергетска густина и се со вкупен капацитет од 60.2 kWh и според WLTP мерењата овозможуваат автономија до 430 километри.
Се надеваме дека наскоро на тест ќе пристигне и EX5. Веќе знаеме дека EX5 чини 36.900 Евра и се нуди во една, целосно-опремена конфигурација.