Новата верзија на популарниот кросовер доаѓа со поизразен изглед и контроверзно решение во внатрешноста.
Новиот CX-5 е подолг за 12 сантиметри од својот претходник, со што патниците во задниот дел сега добиваат дополнителни 6 сантиметри повеќе од претходниот модел.
Во предниот дел ја забележуваме новата решетка и новиот дизајн на фаровите кои ја користат Matrix LED технологијата.
Стариот 2-литарски мотор е заменет со новиот 2.5-литарски бензинец со 141 коњски сили и 238 Nm вртежен момент. Моделот доаѓа со благ хибриден 24 волтен систем наречен Mazda M Hybrid и истиот е поврзан со шестстепен автоматски менувач.
CX-5 го користи најновиот i-Activsense пакет за безбедност кој вклучува адаптивен темпомат, автоматско кочење, предупредување при напуштање на лентата и мониторинг на слепи точки.
Внатрешноста е редизајнирана во минималистички стил, без физички копчиња. Сите контроли се интегрирани во екранот на допир од 12.3 инчи а системот дополнително препознава и рачни гестикулации.
Цената за европскиот пазар се уште не е објавена, но логично очекуваме да биде за нијанса повисока од сегашниот модел.