Најмоќниот Urus досега комбинира 4-литарски твин-турбо V8 со батерија и електромотор за да располага со вкупно 800 коњски сили и да катапултира до 100 километри на час за само 3.4 секунди!
Моќниот 4-литарски твин-турбо V8 кој веќе се вградува во Urus е оптимизиран за работи заедно со електричниот погон. Само бензинскиот мотор испорачува 620 коњски сили и 800 Nm вртежен момент, додека електромоторот испорачува дополинтелни 192 коњски сили и 483 Nm вртежен момент. Електромоторот се напојува до батерија со капацитет од 25.9 kWh, а заедно овозможуваат автономија од повеќе од 60 километри на електрична енергија.
Но не сме тука да зборуваме за возење на струја. Тука сме да зборуваме за перформансите. Urus SE е најмоќниот Urus досега и располага со 800 коњски сили и 950 Nm вртежен момент. Сето тоа резултира со катапултирање до 100 километри на час за 3.4 секунди, до 200 километри на час за 11.2 секудни. Максималната брзина е „само“ 312 километри на час.
Urus SE добива и неколку козметички и технолошки надградби. Забележуваме редизајниран преден поклопец и редизајниран преден браник со поголема решетка и нови LED светла. Тука е ревидираниот заден дел со црн дел кој ги спојува задните светла. Според Lamborghini, ова е за да се постави директна врска меѓу Urus и тековните супер-автомобили на италијанскиот бренд. Urus SE е поставен на огромни 23-инчни тркала, обвиени во P Zero пневматици развиени во соработка со Pirelli.
Кабината добива нов, 12.3-инчен инфозабавен уред и нови отвори за уредот за вентилација. Препознаваме и редизајнирани седишта и некои нови материјали. Urus SE е веќе достапен за нарачка.