ПРЕМИЕРА: CARclub.mk на премиерата на новиот BMW i3 – Нова ера за моделот кој го дефинираше BMW! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: CARclub.mk на премиерата на новиот BMW i3 – Нова ера за моделот кој го дефинираше BMW!

Кога BMW претставува нова Серија 3, целата автомобилска индустрија внимателно следи што се случува. А ние ја имавме таа чест во живо да ја гледаме премиерата на новата, Neue Klasse Серија 3 на BMW.

BMW одлучи дека новата Серија 3 ќе ја лансира со новиот, целосно-електричен i3. А зошто? Па затоа што новата Серија 3 ја следи новата, иновативна Neue Klasse филозофија на баварскиот бренд, преку која оддава почит на наследството од минатото, но истовремено цврсто и самоуверено чекори кон иднината на мобилноста, новите технологии, врвните електрични перформанси и новиот дизајнерски пристап. И немајте гајле, во текот на годината ќе пристигнат и моторите со внатрешно согорување.

Но ајде да зборуваме за i3. Баварците се навистина сериозни околу Серијата 3, односно i3. Токму ова е моделот кој пред 50 години го дефинираше сегментот, но го дефинираше и брендот, и го постави онаму каде е денес. Па навистина нема простор за грешки, ниту пак за погрешни први впечатоци – а BMW сака да остави силен, силен впечаток.

Новиот i3 дели огромен дел од платформата и технологиите со iX3 кој го видовме минатата година на IAA во Минхен, а BMW веќе го најави со Vision Neue Klasse. И ако со iX3 баварците започнаа сосем нова ера, тогаш со i3 покажуваат што и каде и како понатаму.

На самиот старт, BMW ги објави деталите за i3 xDrive50. Океј, што значи сето тоа? Како звучат 469 коњски сили и 645 Nm вртежен момент кои се пренесуваат кон сите четири тркала (но со јасна наклонетост кон задната оска). Плус, благодарение на 800-волтната Neue Klasse архитектура, батеријата овозможува да се поминат до 900 километри со едно полнење, а со моќното полнење со максимални 400 kW, дополнително 400 километри се полнат за само 10 минути!

Поврзано:  Милан Недељковиќ од Крушевац ќе застане на челото на BMW!

А кабината? Вселенски брод. Новиот Panoramic iDrive (кој дебитираше кај iX3 и ќе се користи кај сите модели на BMW во иднина) комбинира огромен Panoramic Vision дисплеј кој се протега од едниот А-столб до другиот, со голем 17.9-инчен централно-поставен инфозабавен дисплеј. i3 добива и нов управувач, а може да се добие и 3D хед-ап дисплеј и многу, многу повеќе. И ако сето тоа звучи малку страшно – од BMW кажуваат дека ваквиот пристап треба да ги намали работите кои го одземаат вниманието – поставеноста на огромниот дисплеј значи дека возачот скоро воопшто нема да треба да го тргне погледот од патот.

Системот овозможува и значителна персонализација и возачот самиот ќе може да избере што точно ќе гледа на тој дисплеј. Замислете поставување „виџети“ на вашиот мобилен телефон. Плус, BMW соработува со Amazon Alexa+ за да овозможи директна, природна комуникација со виртуелниот асистент.

И конечно, како е зад управувачот? Па сè уште не знаеме, но од BMW ветуваат многу. Новиот Heart of Joy систем е задолжен за погонот, сопирачките, делумно за управувањето и уште неколку други параметри. Според BMW, овој систем функционира и реагира 10 пати побрзо од ваквите системи во минатото и според баварците придонесува за автомобилот да биде агилен, динамичен и да понуди вистинско уживање зад воланот.

Производството започнува во Август, а првите примероци се очекува да бидат испорачани оваа есен. Плус, баварците кажуваат дека нема да застанат тука – наскоро ќе бидат претставени и верзиите со мотори со внатрешно согорување, а ни потврдија и дека ќе видиме и Touring (односно караван) изведба.

Плус, тука се и неизбежните M Performance модели како и full-fat BMW M варијанти, односно првиот целосно-електричен BMW M. Драгане, многу сме возбудени!

Поврзано:  BMW M2 добива официјален тркачки бодикит


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.